Изгореа автобуси и гаражи на компанијата „Белдона“ кај Кочани, повредени се тројца пожарникари
Голем пожар вчера избувна во автобуската компанија „Белдона“, во близина на селото Тркање кај Кочани, при што изгореле автобуси, гаражи и канцеларии. Тројца пожарникари кои учествувале во гаснењето завршиле во болница со повреди.
Според информациите што ги објави „Радио Кочани“, пожарот избувнал околу 9 часот во објектот на компанијата, во месноста Цацков Бунар, во близина на бензинската пумпа на „Лукоил“. Причинета е сериозна материјална штета.
Двајца од повредените пожарникари имале изгореници на рамениците и подлактиците, иако овие делови од телото не биле директно изложени на пламенот и на топлината.
Според информации објавени на социјалните мрежи, топлината продрела низ нивната заштитна облека, што повторно го отвори прашањето за исправноста и за квалитетот на опремата со која располага Територијалната противпожарна единица во Кочани.