Изгореа 20 куќи и плевни во Чаниште – четворица се наголтаа чад
Голем пожар што вчера попладне избувна во близина на прилепското село Чаниште брзо се прошири кон селото, при што беа опожарени повеќе од 20 куќи и плевни, а четворица жители побараа медицинска помош поради вдишување чад.
Пожарот бил пријавен во 15 часот во ОВР Прилеп, откако Полициската станица за граничен надзор Старавина известила дека огнената стихија избувнала на околу 200 метри пред селото.
Според пријавеното, најпрво гореле сува трева и нискостеблести грмушки на површина од околу три хектари. Силниот пожар, меѓутоа, набргу се проширил кон Чаниште и навлегол меѓу објектите во селото.
Во огнот биле зафатени над 20 куќи и плевни, а поради густиот чад четворица жители морале да побараат помош од екипа на Итната медицинска помош.
Од Територијалната противпожарна единица Прилеп пожарот бил ставен под контрола, по што продолжиле активностите за негово целосно гаснење.