Изгаснат пожарот во Кисела Вода во кој гореа три стана


Локализиран е пожарот во Кисела Вода во кој беа опожарени три стана од кои еден целосно. При гаснењето повредени се тројца пожарникари од кои двајца вдишале чад, а еден има повреда на раката. Интервенцијата траеше два и пол часа си во неа учествуваа 11 противпожарни возила.

-Ситуацијата е под контрола, спасени се сите граѓани што беа на шести и на седми кат, спуштени се сите долу и сите се во добра состојба. Имаме тројца повредени пожарникари, едниот има изгореници на десната рака, задржан е на Скопските клиники, а другите двајца пожарникари вдишиле чад затоа што немало доволно воздух за да се отворат прозорците. Сега засега се е под контрола, горе нема никој, изјави командирот на Противпожарната единица Владимир Симоновски.

Според него, се уште не е утврдено која е причината за пожарот, но според првичните сознанија изгледа настанал од кујната.

-Најверојатно пожарот настанал од електрична инсталација или од нешто слично. Од топлината е пробиен и спротивниот стан од другата страна. Имаше тежок пристап внатре во влезот и беа зафатени два други стана од пожарот. Во становите Имаше седум луѓе, меѓу кои две дечиња, а другите повозрасни и сите се во одлична состојба. Последната жена што е спуштена имала проблеми со дишење, но сега е на лекарства и е во добра состојба. До вечер граѓаните ќе можат да си влезат во становите, влезот е слободен, посочи Симоновски.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски порача дека во општината има фондови за вакви несреќни ситуации.

-Процедурата е да ги чекаме извештаите од МВР и потоа со нив граѓаните аплицираат за финансиска помош до општината која што ја одобрува Советот на Општина Кисела Вода. Им се заблагодарувам во мое име и во име на граѓаните на пожарникарите за брзата интервенција и храброста што ја покажаа, изјави градоначалникот Темелковски.