Изетбеговиќ: Изгубивме во Сараево, но победивме во БиХ


Лидерот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, синоќа на прес-конференција рече дека партијата загубила на локалните избори во Сараево, но победила во Босна и Херцеговина.

Тој истакна дека СДА ги освои местата за градоначалници во 30 општини и останува убедливо најсилната партија во БиХ.

На прашањето која е причината за поразот во Сараево, тој рече дека сè ќе се анализира.

– Дека нешто се случи во Сараево, очигледно и се случи. Имавме силна опозиција која се обедини против нас, рече Изетбеговиќ, пренесе Аваз.

– Резултатите се неофицијални на база на 90,95 отсто на пребројани гласови. Може да се каже дека во Сараево загубивме, а во БиХ победивме. СДА освои градоначалнички места во 30 општини, остануваме убедливо најсилна партија во БиХ. Резултатите ќе бидат речиси исти како оние во 2016 година, една или две општини помалку, појасни Изетбеговиќ.

Тој смета дека е видлива тенденцијата дека некои од големите градови во двата ентитета бирале промени – Сараево, Бања Лука и Бијељина, пренесува Анадолија.

Во Босна и Херцеговина вчера од седум часот беа отворени гласачките места на кои гласачите до 19 часот можеа да гласаат на седмите локални избори од Дејтонскиот мировен договор.

Според прелиминарните податоци на одржаните локални избори во Босна и Херцеговина, излезноста на локалните избори била 47 отсто.

Во Централниот избирачки список запишани се вкупно 3.283.380 гласачи кои можеа да го остварат своето право на гласачките места.