Изет Меџити: „Србија е полудемократски режим“
Каква е трофазна политика што се води во Владата во однос на Србија?
Прво вицепремиерот Иван Стоилковиќ ги викна главните промотори на „српскиот свет“ на Светосавската академија во Скопје, па премиерот Христијан Мицкоски го осуди она што претседателот на Република Српска, Милорад Додик, го говореше овде, а сега првиот вицепремиер Изет Меџити ја нарече Србија „полудемократски режим“. А претходно премиерот Мицкоски со огромна свита беше во Белград на винскиот саем на Отворен Балкан, а вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во договор со Србија ќе гради брза пруга.
Меџити вечерва во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 одговарајќи на прашањето на уредникот Гоце Михајлоски за блиските контакти на коалицијата „Вреди“ со албанскиот премиер Албан Курти, рече дека во Косово имаат проблеми поради тоа што се соочуваат со сосед каков што е Србија.
„Србија е полудемократски режим. Посакувам и Србија да се демократизира и тоа ќе биде во прилог на регионот“.
Ова е прилично тешка квалификација и може да име последици врз односите меѓу двете пријателски држави кога клучниот министер на помалиот партнер во владата така ги ословува властите во Белград.
Тој уште додаде дека „и да влијае Курти во македонија тоа е позитивно. Добар дел од граѓаните во Скопје се со потекло од Косово. Имаат двојно државјанство. И нашите граѓани влијаат таму. И на тоа треба да гледаме позитивно“.
Според него, Алабанците во Македонија се мост меѓу нашата држава и Косово и затоа прв премиер што дојде во Македонија беше Албин Курти и затоа првата меѓувладина седница беше во Приштина. (Н.В.)