Изет Меџити беше на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“ во Одеса

Обединети сме пред предизвиците кои го загрозуваат мирот, безбедноста и меѓународниот поредок. Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната, истакна првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити во обраќањето на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“ што се одржа во Одеса, Украина.
Меџити изрази благодарност за гостопримството на украинските власти и ја реафирмираше непоколебливата поддршка од страна на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Вицепремиерот Меџити ја нагласи и посветеноста на земјата за продлабочена регионална соработка и изградба на безбедна, мирољубива и демократска Европа.
Самитот што беше отворен од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претставува продолжение на претходните средби одржани во Атина, Тирана и Дубровник, со учество на високи претставници од земјите на Југоисточна Европа. Главната цел на самитот е поддршка за Украина и зајакнување на регионалната соработка и безбедноста.
Првиот вицепремиер објави и статус на својот фејсбук профил во кој наведува дека Северна Македонија стои на вистинската страна на историјата, „во поддршка на Украина во нејзината титанска борба за слобода и демократија“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ за прв пат по руската агресија беше во Украина за да присуствува на самитот. Таму беа претседателката на Молдавија, Маја Санду, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателот на Романија Никушор Дан. Бугарскиот премиер Росен жељасков, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, спикерот на албанскиот парламент Елиза Спиропали и вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.
На самитот беше усвоена Декларацијата од Одеса на која не се потпиша српскиот претседател Вучиќ.