Издадена градежна дозвола за првата висококатница кај „Холидеј ин“
Нема правна пречка да почне да се гради на паркингот спроти „Холидеј Ин“, вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ со чиј потпис на дозволата за градба, инвеститорите – фирмата „Фешн груп“ и Македонската православна црква немаат пречки да почнат со градба.
Богдановиќ не сакаше да каже да прецизира дали веќе го ставил својот потпис за градба или тоа ќе го стори утре, но „теренот“ и веќе нема начин да се одолговлекува или спречи градењето.
„Нема никакви прачки за решението да стане правосилно. Немаме добиено никаква жалба од непосредни соседи или од било кој, што може да го прологнира процесот. Се уште не е формално правно тоа завршено, треба да пресметаме кога решението станува правосилно, но веќе нема законска можност процесот да се стопира. Ние постапивме и поднесовме елаборати за суспензија, по одговорот на Министерството за транспорт и врски, веќе нема причини да се одолговлекува или стопира управната постапка“,вели Богдановиќ.
За првата 20-катница која се наоѓа на земјиште во сопственост на МПЦ-ОА се уплатени комуналии во висина од 2.4 милиони евра на сметкитите на Град Скопје и на Општина Центар. За другите два објекти – станбена зграда и деловен центар дополнително ќе се платат надоместоците за уредување на градежносто земјиште.
ВМРО-ДПМНЕ го донесе спорниот ДУП, СДСМ вети ама не презеде ништо да го спречи градењето во центарот на Скопје
Планот за изградба на висококатниците во срцето на главниот град е предвиден со Деталниот урбанистички план донесен од ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година. СДСМ иако најавуваше не ја спречи имплементацијата на спорните планови, а дополнително овозможи и дооформување на парцелата со продажба на државно земјиште кај паркингот спроти „Холидеј ин“.
По падот на мораториумот на Општина Центар, локалната власт ветуваше и суспензија на спорните детални урбанистички планови, но Стручната комисија при Министерството за транспорт и врски утврдила дека Општина Центар ги промашила елаборатите за суспензија, односно наместо да бара суспензија за конкретни спорни локации, Општината побарала суспензија на цели детални урбанистички планови.
Министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски тогаш посочи дека ова мислење на Комисијата не е обврзувачко и дека крајната одлука ќе ја донесе Општината.
Зошто Општината не продолжи да ја турка идејата за суспенизја и покрај мислење на Комисијата на Министерството за транспорт и врски, Богдановиќ вели дека на тој начин Општината ризикува да плаќа големи штети.
„За да имате основ за суспензија треба да потврдите кои се основите за тоа. По мислењето од Министерството за транспорт и врски испаѓа дека не сме во право за причините што ги наведовме како основ за суспензија. И ако утре дојде до било каков спор ние ќе ги трпиме последиците, бидејќи ако некој тужи ќе каже дека Министерството посочило дека нашите заклучоци не се издржани“,вели Богдановиќ.