Избрани претставите за Драмски аматерски фестивал во Кочани


Избрани се 18 претстави на театарски групи и ансамбли кои годинава ќе се натпреваруваат за гран при и останатите награди на 56-тиот Драмски аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани. Од нив две се од Србија, една од Бугарија, а останатите се домашни актерски екипи.

Од Управниот одбор на фестивалот информираа дека во определениот рок пристигнале вкупно 37 пријави, од кои драматургот Дарко Спасов како селектор, одбрал драмски текстови кои нудат жанровска разновидност во категориите детски и вечерни претстави.

– Годинава планираме да одиме едно ниво повисоко и да внесеме свежа енергија на фестивалот со намера да ги поврземе театарот и придружните содржини во јавното живеење. На отворањето, надвор од конкуренција, ќе гостува една од најголемите и најнаградувани домашна претстави до сега, „Вардарски пастуви“ во изведба на скопскиот театар „Комедија“. На затворањето пак, ќе гостуваат студентите на Факултетот за драмски уметности од Белград, во класата на Мирјана Карановиќ. Очекуваме во текот на петте фестивалски денови на сцената да се појават над 300 актери, од кои шеесетина се од странство, а останатите од нашата држава, истакна Спасов.

На последната седница на Советот на Општина Кочани беше донесена одлука за финансиска поддршка од буџетот на локалната сампоуправа за покривање на дел од трошоците за организација на манифестацијата, а остатокот од средствата се обезбедени од Министерството за култура и од локалниот бизнис сектор.

Овогодишното 56-то издание на ДАФ ќе се одржи од 27 мај до 1 јуни на сцената на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани