Избрани дела во пет тома на Блаже Миневски


Во рамки на јубилејот – триесет години од основањето, „Матица македонска“ објавува избрани дела во пет тома од писателот Блаже Миневски. Изданието го уредува Раде Силјан, а графичко-ликовниот дизајн е на Кристи Георгиевски.

Во првиот том, со наслов „Да речеме уште една“, се објавени расказите а во останатите четири тома романите „Нишан“, „Свирци“, „Мрежата на Мамли“, „Мемоарите на една млечка“, „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ и „Фантомско стапало“. Книгите се проследени со толкувања од Митко Маџунков, Венко Андоновски, Марија Проскурнина, Оливера Ќорвезироска, Ефтим Клетников, Стефан Влахов-Мицов, Марија Ѓорѓиева Димова, Душан Стојковиќ, Јордан Плевнеш и други.

Блаже Миневски (1961) е автор на девет романи, седум драми и три книги раскази.

Романите на Миневски се преведени на англиски, ерменски, бугарски, словенечки, арапски, кинески, српски, полски и италијански јазик, а со свои раскази е застапен во речиси сите антологии на кратка проза објавени последните триесетина година во Македонија и надвор од неа. Дел од нив се преведени на повеќе од дваесет јазици во светот.

Дибитник е на повеќе награди, меѓу кои и на „Роман на годината“, „Стале Попов“ и „Рациново признание“.