Избран новиот состав на Извршниот одбор на СДСМ

Владејачката партија СДСМ на состанокот на поширокото партиско раководство што се одржува во Охрид го избра новиот Извршен одбор на партијата, именуван е нов организациски секретар на партијата, како и новиот секретар за меѓународна соработка и директорот на Центарот за истражување и аналитики на СДСМ.

Претседателот на партијата и Зоран Заев најави дека следува уште една седница на Централниот одбор на партијата, на која ќе бидат избрани потпретседателите на партијата. Некои контури се направени, ќе следат консултации што ќе бидат заокружени за десеттина дена.

По однос најавените изненадувања од состанокот во Охрид, Заев истакна дека СДСМ е првата политичка партија во која највисокото партиско тело – Извршниот одбор има повеќе жени отколку мажи.

–  Избравме 16 членови на Извршниот одбор, од кои девет жени. Сакавме да испратиме порака на користењето на еднаквиот капацитет на жените и мажите, вградени и во политичкиот и во општествениот систем во земјата. Верувам дека пораката ќе стигне и до многу државни, општински институции, но и политички партии, рече Заев.

Нови членови на Извршниот одбор на СДСМ се Фросина Ременски, Благојче Бочварски, Рената Десковска, Костадин Констадинов, Есрас Алихи, Ѓоко Танасоски, Весна Ѓершан, Васко Талевски, Тања Стојановска-Иванова, Драган Тевдовски, Љатифа Шиковска, Стефан Богоев, Кети Василевска, Нина Велкова, Петре Шилегов и Маринела Ојлеска.

За организациски секретар е избран Душко Весковски, кој ќе ја напушти функцијата директор на „Водовод“  – Скопје, додека секретар за меѓународна соработка ќе биде Дане Талевски. Директор на Центарот за истражување и анализа на СДСМ е избран Мартин Попов.

Генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски најави дека новите органи на партијата ќе се фокусираат на работата на терен, со сите капацитети насочени кон решавање на потребите на граѓаните.

–  Регрутираме нови капацитети, нови сили. Промените во СДСМ продолжуваат, денеска го промовираме системот и начинот како ќе се свртиме кон потребите на граѓаните, особено во делот на системско решение преку кое ќе ја следиме реализација на програмите на градоначалниците, на она што сме го ветиле пред граѓаните. Ќе ги следиме секоја мерка, секој проект, преку веб-апликација, но и преку партиско-владината координација односно реализација на плановите. Тоа ќе го правиме преку системска силна контрола, синхронизирано дејствување на сите потенцијали, ревидирање и отворање кон јавноста…рече меѓу другото Николовски.