Изборот на Пендаровски за претседател ударна вест во српските медиуми


Победата на Стево Пендаровски на претседателските избори, синоќа и денеска е главна вест во српските медиуми. Објавија повеќе текстови за тоа кој е Пендаровки и анализи од вчерашниот втор круг.

-Пендаровски е првиот претседателски кандидат во Северна Македонија кој уште во првиот круг доби поддршка од албанската партија ДУИ и беше претставен како првиот консензуален кандидат за шеф на државата….Претседателските избори се сметаа за тест за прозападната политика на владата, соопшти Танјуг, повикувајќи се на АП.

Потсети и дека Пендаровски го поддржувал Договорот со Грција за името, во замена за членството во НАТО, додека неговата противкандидатка го критикуваше.

РТС, РТВ, Б-92, Блиц, Курир и Студио Б го пренесуваат „Танјуг“ во преставувањето на новиот македонски претседател, а во „Данас“, „Нови магазин“ и ТВ „Н1“ победата на Пендаровски е ударна вест.

„Кој е Стево Пендаровски, првиот претседател на Северна Македонија“ е насловот на веста што ја објави „Спутник Србија“, а провладиниот „Телеграф“ пишува: „Кој е Стево Пендаровски од кого на никој нема да му биде срам“.

Агенцијата „Бета“ ја пренесе веста од МИА за честитките од Јенс Столтенберг и Јоханес Хан, додека популарното „Радио С“ по веста, во чест на новиот македонски претседател ја пушти популарната песна „Скопје“ од „Леб и сол“.

-Северна Македонија во недела го избегна новиот земјотрес и го потврди прозападниот курс со изборот на Пендаровски што е дополнителен ветер во грбот на владеачката коалиција на премиерот Зоран Заев, објави „Дојче веле“ на српски јазик.

Оцени и дека „вториот круг на изборите беше судир меѓу проевропските и националистичките сили во земјата која е длабоко поделена со договор со Грција, кој го смени името на државата и ја отвори вратата за НАТО и за ЕУ. За време на кампањата, Пендаровски и неговата ривалка Гордана Силјановска-Давкова завзедоа спротивставени позиции за договорот со Атина“.

Би-Би-Си на српски јазик во анализата наведува дека „победата на Пендаровски ја зацврстува власта на актуелната коалиција, бидејќи СДСМ прв пат по 13 години истовремено ќе има и премиер и претседател на државата, што ќе му овозможи на Заев без пречки да ги спроведе најавените реформи“.

-Референдумот со кој не беше прифатен (Преспанскиот) договор, ниту беше отфрлен, нискиот одѕив на првиот и цензусот од 40 отсто во вториот круг, заморот на граѓаните со честите избори, но и фактот дека клучните промени во Македонија веќе се случија, доведоа до неизвесност околу тоа дали овие избори ќе успеат. Стево Пендаровски им понуди на гласачите продолжување на политиката што беше отелотворена во премиерот Зоран Заев, главниот протагонист на договорот со Грција, оцени Би-Би-Си на српски јазик.