Изборот на главен ревизор утре на матичната собраниска комисија


Дали конечно ќе имаме прв човек на државната ревизија ќе се знае по утрешната седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Претседателот на Комисијата Илија Димовски за утре закажа продолженија на пет седници на ова собраниско тело на кои има заостанати точки на дневниот ред односно не е извршен избор и на членови на други собраниски комисии, директор и заменик на Дирекцијата за заштита на личните податоци, членови на Комисијата за спречување на дискриминација, одбори за доделување награди и други.

Засега не се знае кој ќе биде директор на Државниот завод за ревизија. Доколку не се избере главен ревизор постои опасност за блокада на работата на ДЗР, која е надлежна, меѓу другото, и за изготвување извештаи за финансиското работење на институциите, а исто така нема да има потписник за плата на вработените.

На 4 октомври истекува мандатот на заменик-дитекторот на Државниот завод за ревизија Насер Адеми, кој досега беше потписник и ја вршеше работата на главниот ревизор.

Изборот на главниот ревизор се врши на пленарна седница на Собранието.

Димовски закажал продолженија на шестата, деветата, 17-та, 18-та и 24-та седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

На продолжението на 17 седница (11:00 часот) на дневен ред се останати утврдување на Предлог – одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на Државната награда 23 Октомври и заменик.

На 24 седница (11:15 часот) на дневен ред се избор на членови на собраниски комисии, Утврдување предлог – одлука за избор на здруженија од областа на човековите права, полициското право и правосудството за Народниот правобранител-механизам за граѓанска контрола, утврдување предлози за именување на директор и на заменик на директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, предлог одлука за именување на директор на Агенцијата за квалитет во високото образование, предлог за избор на директор и на заменик директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци, за именување член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на предлог – одлука за избор на член на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, утврдување Предлог – одлука за именување на членови на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, како и Проверка на кандидатурите доставени по Одлуката за објавување јавен оглас за избор на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

На шестата седница (11:30 часот) на Комисијата останата на дневен ред е разрешување од функцијата на заменик на генералниот секретар на Собарнието на Република Македонија.

Димовски закажал и продолжение на деветата седница (11:45 часот) на која треба да биде утврдена Предлог-одлука за изменување на Одлуката за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија. Ваква одлука беше иницирана по раздвојувањето на пратениците од Беса, кои сега дел се поддржувачи на власта, дел со опозицијата.

На 18-та седница на дневен ред е Утврдување Предлог – одлука за именување на член на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.

Во Собранието утре седници ќе одржат и Комисијата за европски прашања која ќе го разгледува Предлог законот за медијација во второ читање, а закажан е и работен состанок на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Седница ќе одржи и Законодавно-правната комисија.