Изборите завршија, излезноста надмина 50 отсто


Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, соопшти дека излезноста на изборите надминала 50 отсто, но до конечната бројка треба да се пребројат гласачите од последните дваесетина минути. Со оваа прес конференција практично завршија изборите и сега ќе почне пребројувањето на гласачите. дерковски беше многу задоволен од тоа како поминаа изборите.

Попрецизно, до 20:40 часот излезноста на предвремените парламентарни избори, во сите шест изборни единици е 50,84% отсто, соопшти претседателот на Државната изборна комисија на вечерашната прес-конференција. По изборни единици излезноста изгледа вака:

ИЕ 1 – 52,17%
ИЕ 2 – 47,97%
ИЕ 3 – 57,37%
ИЕ 4 – 59,79%
ИЕ 5 – 50,16%
ИЕ 6 – 39,23%

 Ова се десетти парламентарни избори и  петти предвремени избори. Право на глас имаа еден милион 814 илјади и 613 полнолетни граѓани, кои гласаа на 3.480 избирачки места. Овие избори се издвојуваат од досега одржаните во земјата бидејќи се организираа во состојба на пандемија со коронавирусот, гласањето за различни категории граѓани е три дена, а денешниот изборен ден траеше два часа повеќе од вообичаеното и беше прогласен за неработен.

Избирачките места во шесте изборни единици се отворија во 7 часот, а гласањето заврши во 21 часот. Сега почнува броењето на гласовите.

Се гласаше за 15 политички партии и коалиции кои вкупно имаат 1.578 кандидати.