Изборите требаше да бидат оваа недела. Партиските програми веќе не важат со кризата


Економските решенија што ги предложија двете главни партии за изборите сега може да изгледаат дури и бесмислени, затоа што кризата со корона вирусот целата политичка агенда ја сврте преку глава

 

Кога во почетокот на февруари годинава, како резултат на неоформалните кампањи „На прав пат“ и „Обнова“, лидерите на главните политички партии почнаа да ги пласираат мерките од своите програми за парламентарните избори, ретко кој очекуваше дека Македонија наместо на  да оди на гласање во април, ќе се соочи со големи предизвици  на економски и на социјален план, како резултат на глобалната криза со корона вирусот.

Главно економските мерки што сега ги носи техничката влада, предводена од СДСМ, и предлозите што речиси секојдневно ги пласира опозицијата, во поголем дел се непопуларни, рестриктивни и изнудени со оглед на ситуацијата. Тие воопшто не фигурираат во партиските изборни програми, кои беа претставени како основа за повисок животен стандард на граѓаните, за намалување на невработеноста, за нови инвестиции…

Новите мерки што СДСМ ги промовира по одложувањето на изборите, што требаше да се одржат на 12 овој месец, односно оваа недела, сега главно се насочени кон зачувување на работните места и помош на фирмите, додека дел од вработените принудно паднаа на минималец од 14.500 денари. Наспроти тоа, решенијата од партиската програма за изборите предвидуваат просечна плата од 36 илјади денари, а минимална од 18 илјади, отворање на 100 илјади нови работни места…

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, пак, на пример, не фигурира предлог-мерката за пренасочување на придонесите за вториот пензиски столб кон државниот фонд, што функционерите на опозициската партија во последните седмици секојдневно ја афирмираат како решение за надминување на економските последици од корона-кризата. Наместо тоа, пред два месеци,  Христијан Мицкоски зборуваше за повисоки плати за 25 проценти, за зголемување на пензиите за 20 проценти,  за рамен данок до 8 проценти…

По завршувањето на вонредната состојба, партиите ќе треба да им се навратат на програмите што ги подготвија за парламентарните избори. Но со оглед на последиците што се очекува допрва да ги остави оваа мошне критична ситуација во земјава прашање е дали и до кој степен решенијата што Зоран Заев и Мицкоски ги нудеа во февруари и во почетокот на март, ќе бидат релевантни по надминувањето на кризата, односно дали ќе соодветствуваат на новата општествена реалност. Во неа, веројатно, ќе биде потребно прво да се санираат штетите, па дури потоа да се размислува за просперитет и развој.

Партиите, веројатно, ќе треба уште веднаш да почнат со модификување на изборните програми, посебно во делот на здравството, а од аспект на искуствпото низ кое поминува овој сектор во справувањето со ситуацијата со новиот вирус. Уредбата што ја донесе владата за времено прекинување на изборниот процес, практично, предвидува изборните дејствија да продолажат таму каде што застанаа, и тоа веднаш по завршувањето на вонредната состојба.  Тоа би значело дека веднаш по излегувањето од вонредната состојба, треба да почне предизборната кампања, со оглед на тоа што мораториумот на изборниот процес беше прогласен на 22 март. Поточно ден пред датумот кога, според роковникот на ДИК, требаше да почне 20-дневната кампања.

Според одлуката на претседателот Стево Пендаровски вонредната состојба да трае 30 дена, што е максималниот уставен рок, таа би требало да заврши на 16 овој месец. Сепак, со оглед на засилувањето на ограничувањата на  движењето, како резултат на ширењето на корона вирусот во земјава и прогнозите дека пикот се очекува на крајот на месецот, не е исклучено вонредната состојба да биде продолжена за уште 30 дена. Дотогаш, и политичките фактори ќе имаат појасна претстава за очекуваните последици во другите области од оваа здравствена криза, како и за тоа како таа ќе се одрази на гласачкото расположение во земјава.

Во овој момент, релавантни се и натаму решенијата во партиските програми во делот на интеграциите, особено ако се има предвид дека во екот на светската криза со корона вирусот се официјализираше членството на Северна Македонија во НАТО и земјата доби виза за почеток на преговорите со ЕУ. Со тоа практично е надмината и причината поради која во октомври минатата година беше постигнат договорот за предвремени парламентарни избори, поради француското „не“ за нашата земја на Европскиот самит во Брисел.  (Н.В.)