Изборите станаа понеизвесни од законот за јавно обвинителство


„Ставот на СДСМ за распуштање на Собранието е јасен – прво да се донесат сите законски решенија што се договорени и кои што се важни за иднината на земјата. Законите мора да бидат донесени пред распуштање на Собранието“, изјави утрово премиерот Оливер Спасовски, кој беше во посета на студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Оваа негова  изјава доаѓа по драмата околу донесување на законите за јавно обвинителство за советот на јавни обвинители, но и за законот за одбрана и другите решенија, која што падна во сенка на најавата дека е можно формирање ново парламентарно мнозинство кое ќе организира редовни парламентарни избори. Препукувањата, засега, се водат преку социјалните мрежи, иако, нервозата е видлива и во Собранието, а најочигледно беше неочекуваното прекинување на закажаната седница за ЈО и советот за јавни обвинители, од страна на спикерот Талат Џафери.

Спасовски, наспроти ставот на пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, кој на фејсбук напиша дека станува збор за обновување на побратимството меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, вели дека релациите во владината коалиција се коректни.

„Релациите со ДУИ се коректни, како што ја почнавме коалицијата со нив, така и ќе ја завршиме“, изјави Спасовски додавајќи дека тој не очекува да има дополнително неразбирливо одложување на носењето на законските решенија.

„Доколку дојде до такво нешто, да се опструираат законите, тогаш ќе мислиме за нов коалициски партнер“, изјави Спасовски.

Почетокот на собраниската седница за носење на законите за ЈО и за советот за јавни обвинители, закажана во 11 часот, доцни. Седницата за разрешување на министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, е предвидена да почне во 15 часот.