Изборите скандинавски, одѕивот загрижувачки


Имавме чист изборен ден, согласни се сите учесници и набљудувачи во трката за шеф на државата. Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, оцени дека сме имале скандинавски избори и им честиташе на граѓаните. „Република Северна Македонија спроведе мирни, фер, слободни и демократски избори. Институциите со сите свои капацитети овозможија изборите да поминат во најдобар тек што е многу важно за нас како држава која многу скоро ќе ги отпочне преговорите со ЕУ“, рече Кирацовски.

Неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во првата реакција по завршувањето на гласањето рече дека сме имале генерално мирен изборен ден. Според него, притисоците од власта и неправилностите во процесот биле видливи во кампањата, но и вчера додека се гласало. „Огромна благодарност до граѓаните, до секој еден човек во државата, за секој еден глас, за оние што излегоа на гласање, но и за оние што не излегоа на гласање“, напомена Јанушев.

Од изборниот штаб на претседателскиот кандидат Блерим Река оценија дека вчерашните избори поминале во фер и демократска атмосфера. „Нашиот впечаток од овие избори е дека поминаа во многу фер и демократска атмосфера со многу мал број неправилности“, рече Рамадан Реџепи, портпаролот на изборниот штаб на Река. Според него, загрижувачки е фактот што е мал процентот на излезеност на овие избори и ова, според него, ја потврдува нивната теза дека една четвртина од населението е иселено од републиката. „Гласањето е демократско право и секој човек е сопственик на неговиот глас. Ние нема да ги повикуваме гласачите што нас нè поддржаа да гласаат за кој било од другите двајца кандидати“, посочи Реџепи.

И во ДУИ се согласни дека изборниот процес помина во мирна и демократска атмосфера во согласност со европските стандарди. „Институциите на државата демонстрираа висок капацитет на организирање избори во согласност со очекувањата на учесниците и меѓународната заедница. Сметаме дека начинот на организирање на овие избори е исполнување на уште еден услов за добивање на датум за почнување на преговори со ЕУ“, истакна Арбр Адеми, портпарол на централниот изборен штаб на ДУИ.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оцени дека институциите на РСМ покажаа дека можат да организираат мирни и демократски избори, како што ѝ доликува на земја која наскоро ќе стане членка на НАТО и е на пат за членство во ЕУ. Тој информираше дека во текот на изборниот ден биле регистрирани четири фотографирања на гласачко ливче и дека сторителите се приведени, а регистрирано е и едно оштетувања на гласачка кутија од лице под дејство на алкохол во Новаци. „Во село Кучичино регистрирано е лице кое делело рекламен материјал со еден од кандидатите за претседател и за тоа е известено Обвинителството“, нагласи Спасовски. Тој им честиташе на граѓаните за мирниот изборен ден, а се заблагодари на припадниците на МВР кои ги преземаа сите мерки за изборниот процес да помине демократски и фер. (П.Р.)

Фото: Б. Грданоски