Изборите незавршени, Јанша му честиташе победа на Трамп

Иако никој во САД не знае се уште кој ги доби изборите, словенечкиот премиер Јанез Јанша му честиташе на Доналд Трамп за она што го опиша како „очигледна победа на претседателските избори во САД“.

„Доста е очигледно дека американскиот народ им доверил уште еден четиригодишен мандат на Доналд Трамп и Мајк Пенс. Колку повеќе мејнстрим медиумите ги одложуваат и негираат фактите, толку ќе биде поголема победата на Трамп. Честитки за одличните резултати низ целата земја“, напиша Јанша на Твитер.

Тој се огласи набргу откако Трамп одржа прес-конференција во Белата куќа, на која што прогласи победа на изборите, иако трката е тесна и во некои клулни сојузни држави сѐ уште се бројат гласови. Трамп притоа го повика Врховниот суд да го прекине броењето гласови и ги обвини Демократите дека сакаат да му ја украдат победата.

Јанша е првиот и единствениот европски лидер што ја честиташе победата на Трамп.