Изборите ќе се одложат – до кога ќе трае техничката влада


Веќе е сосема јасно дека изборите ќе бидат одложени, иако не се знае кој датум ќе биде одреден за гласањето. Претседателот Стево Пендаровски во петокот изјави дека нема да биде крај на светот ако изборите се одложат за месец-два, но прашање е дали тие можат да се одржат во таа временска рамка. И дали уште сега може да се донесе таква одлука, кога никој не знае како ќе се шири епидемијата не само во нашата земја, туку и во Европа.

Кога лидерите беа на средба минатата есен кај претседателот Пендаровски терминот 12 април беше одреден според неколку параметри, од кои важни беа и религиските празници. На 18 април е првиот ден од православниот Велигден. Неколку дена подоцна почнуваат рамазанските пости и тие ќе траат еден месец. Рамазан е на 24 мај. Дали тогаш јуни може да се смета како месец во кој би можеле да се одржат изборите?

Веројатно некаков одговор на тоа би требало да добиеме на утрешната лидерска средба кај претседателот Пендаровски.

Но по денешната седница на Советот за национална безбедност би требало да биде појасна ситуацијата како ќе функционира Македонија во наредните месеци – дали во вонредна или кризна ситуација. Има сериозна разлика во одредувањето на степенот во кој треба да биде организиран и животот и владеењето во државата.

Едно од клучните прашања е дали владата ќе продолжи да функционира како техничка по 12 април или ќе се бара нов модалитет. Искуството од пржинската влада во 2015 и 2016 година би можело да биде водилка, но не мора да значи. Тогаш, на пример, Оливер Спасовски беше технички министер за внатрешни работи од 11 ноември 2015 година во владата каде премиер беше Никола Груевски. Два месеци подоцна, Груевски си замина од премиерското место согласно договорот за техничка влада на 100 дена пред изборите и на 18 јануари 2016 година премиер стана Емил Димитриев. Откако изборите беа одложени за декември таа година Спасовски беше разрешен во мај 2016 година. На негово место во нормална политичка влада на 18 мај беше поставен Митко Чавков, кој остана министер до 1 септември 2016 година. Тогаш Оливер Спасовски пак се врати на привременото место.

Но Емил Димитриев остана да биде премиер, не само до изборите во декември, туку до формирањето на новата влада на чело со Зоран Заев на 1 јуни 2017 година. Тој требаше да биде технички премиер сто дена, а остана на таа функција 17 месеци.

Дали може премиерствувањето на Оливер Спасовски да се продолжи и во наредните месеци, дали во тие месеци министер за внатрешни работи ќе биде Наќе Чулев – барем денеска уште не јасно. Работите би требало да бидат почисти по утрешната лидерска средба кај претседателот Пендаровски. Сосем е сигурно дека лидерствата на партиите имаат меѓусебни консултации како да го разрешат овој проблем и ќе видиме дали општествениот интерес во оваа комплицирана здравствена ситуација ќе надвладее над политичките математики.   (Љ.П.)