Изборите ќе продолжат кога ќе заврши вонредната состојба


Според роковникот што ДИК го донесе ноќта на 16 февруари, кога беше распуштен парламентот, утре требаше да почне изборната кампања

 

Спроведувањето на предвремените парламентарни избори за пратеници ќе продолжи кога ќе заврши вонредната состојба што ја прогласи шефот на државата. Со Уредбата за прекинување на изборните дејствија што ја донесе техничката влада не се предвидува целосно откажување на десеттите парламентарни избори, туку „замрзнување“ на досега преземените дејствија, по што, кога ќе се создадат услови, ДИК ќе треба да изготви ревидиран роковник, за процесот да продолжи таму каде што застана заклучно со вчерашниот ден.

Според роковникот што ДИК го донесе ноќта на 16 февруари, кога беше распуштен парламентот, а спикерот Талат Џафери ги распиша изборите на 12 април, утре требаше да почне изборната кампања. Во изминатите денови, ДИК ги утврди кандидатските листи на 15 партии и коалиции, кои пратктично ќе бидат валидни и кога ќе продолжи изборниот процес. Сепак, останува неизвесноста кога ќе се случи тоа.

Вонредната состојба засега е предвидено да трае 30 дена, што би значело до средината на април. Но, уште при нејзиното прогласување, претседателот Стево Пендаровски побара од Владата редовно да го известува за ефектите и за потребата од продолжување на мерките што ги овозможува членот 125 од Уставот. Овој уставен член, всушност, ѝ овозможува на Владата да ги преземе ингеренциите на законодавната власт, со тоа што ќе носи уредби со законска сила со ограничено времетраење. Таква е и Уредбата за прекинување на изборните дејствија, со која, од друга страна, не се поништува одлуката за распуштање на парламентот.

Џафери, во меѓувреме, настапи со тврди позиции дека распуштениот парламент не може да се состане повторно, односно дека не може да се отповика одлуката за негово распуштање, ниту  индивидуалниот правен акт што тој го потпиша, а со кој изборите беа закажани за 12 април. Од тој аспект, останува дилемата дали овој парламентарен состав ќе ја потврди одлуката на Пендаровски за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот. Прашање е и со каква одлука ќе се утврди новиот термин за гласање за избор на пратеници.

Според Уставот, вонредни парламентарни избори се одржуваат во период од 60 дена од распуштање на парламентот. Но во овој случај, поради глобалната криза со корона вирусот, извесно е дека ќе помине многу повеќе време од распуштањето на парламентот (на 16 февруари) до одржувањето на изборите, кои засега се одложени на неопределено време. Во секој случај, со одлуката за одложување, наместо целосно откажување на изборите, според толкувањата, ќе се добие на време, односно ќе се овозможи побрзо спроведување на изборите, со оглед на тоа што процедурите стигнаа до повеќе од половина. Притоа, според најавите, во од ќе носат одлуки за ревидирање на некои од досега преземените процедури, како, на пример, за ажурирање на избирачкиот список.

Со Уредбата на Владата се продолжува и мандатот на овој состав на ДИК, кој првично беше избран единствено со мандат да го спроведе референдумот за името во септември 2018 година. Но, наместо првично предвидените шест месеци мандат, во ноември 2018 година мандатот на ДИК беше продолжен со формулација дека ќе трае до избор на нов состав на комисијата, но не подолго од две години. Според тоа, мандатот на ДИК требаше да заврши во ноември 2018 година. Од друга страна, владината уредба предвидува мандатот на ДИК да трае шест месеци, сметајќи од денот кога ќе се одржат изборите, чиј нов термин е засега неизвесен.

Со оглед на тоа што, според Изборниот законик, кампањата се спроведува дваесет дена пред денот определен за гласање, една од работите што се чинат извесни е дека изборите би се одржале не подоцна од триесетина дена откако ќе биде прекината вонредната состојба. Кога, пак, ќе се случи тоа зависи од развојот на ситуацијата со корона вирусот и справувањето со неа. Во  пооптимистичка варијанта, изборите, и покрај одложувањето, и буквално би се одржале во вонреден термин, односно најдоцна во почетокот на септември.

Од втората декада на септември, пак, почнуваат редовните термини за одржување на избори. Според Уставот, избори за пратеници се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав. Мандатот на деветтиот парламентарен состав, кој е распуштен подолго од еден месец, тече од 30 декември 2016 година, кога почна конститутивната седница и беа верификувани мандатите на 120 пратеници што беа избрани на 11 декември.   (Н.В.)