Избирачки одбори во Битола и Ресен имаат проблеми со апликацијата за излезноста на гласачите


Проблемите околу апликацијата за излезноста ги потврди и Весна Томовска, претедател на Општинската изборна комисија на Битола

БИТОЛА – Избирачки одбори од Битола и Ресен имаа проблеми со апликацијата во која треба да ги внесуваат гласовите, па сега општинските изборни комисии во овие два града, рачно и по телефон ги внесуваат податоци со што е забавен процесот за покажување на излезноста на гласачите на време.

Оваа година беше воведена новина со која избирачките одбори добија апликација од ДИК, преку која ги информираат општинските комисии за процентот на излезност, а на истата апликација можат да го пополнуваат и образецот 16 од Записникот во кој се сумирани сите резултати од денот на гласањето.

Од вкупно 169 гласачки места во Битола, над триесет имаа проблеми со апликацијата.

„Доцниме со излезноста на гласачите бидејќи дел од избирачките одбори кои се повеќе од 30 имаат проблем со пополнување на апликацијата. Ако на време не се логираат и не пополнат бројки за излезноста после одреден период тоа не можат да го сторат, па сега телефонски ни се јавуваат и статистика така ги внесува податоците. Тешко им оди со пасвордите  и поврзувањето со ДИК“, изјави за „Независен“ Весна Томовска, претседател на ОИК Битола.

Со ист проблем се сочуваа и во ОИК во Ресен, само што таму речиси сите педесет избирачки места имаа потешкотии со пополнување на апликацијата.

Во Ресен на 50 избирачки места право на глас имаат 16.580 гласачи. До 11 часот гласале 14,3 проценти од гласачите.

„Многу често избирачките одбори пријавуваа роблеми, речиси на сите избирачки места. Па статистика телефонски ги внесува податоците. За оваа апликација беа на обука претседателите и замениците на избирачките одбори, но ете се јави некој проблем“, вели Ивана Гегаракова, заменик- претседател на ОИК Ресен.

Во пелагониските општини Новаци и Могила без проблеми тече гласањето, велат од општинските изборни комисии. Висока излезност до 11 часот бележи Општина Новаци, со над 23 проценти.

„Гласањето тече во најдобар ред, нема проблеми.  Во Општина Новаци гласаат 2.928 гласачи на 24 избирачки места. Сѐ е според пропишаните протоколи“, потврдува Стевче Стефановски, претседател на ОИК Новаци.

Во Општина Могила до 11 часот гласале 714 гласачи од вкупно запишаните 5307.

„Излезноста е 13,43 проценти и не е многу поразлична од досегашните избори. Гласањето засега е без проблеми“, вели Весна Ристевска претседател на ОИК Могила. (А.Б.)