Изабел Ипер ја доби „Златната мечка“ за животно дело на Берлиналето
Актерката заради ковид , не отпатува за Белин и се вклучи во свеченоста на доделувањето преку видеоврска од нејзиниот дом во Париз
Германија– Француската глумица Изабел Ипер вчера ја доби почесната „Златна мечка“ за животно дело на Берлинскиот филмски фестивал.
Актерката се вклучи во свеченоста на доделувањето преку видеоврска од нејзиниот дом во Париз, бидејќи мораше да го откаже своето првично планирано патување на Берлиналето зашто е позитивна на коронавирус, како што соопштија и организаторите.
Ипер зад себе има 50-годишна кариера, речиси 150 филмски и ТВ-улоги, како и номинација за „Оскар“ за филмот „Таа“ (2016) и 120 други признанија. Директорката на фестивалот, Мариет Рисенбек ја опиша 68-годишната глумица како „прилично страсна актерка“, а нејзиниот колега Карло Чатријан рече дека улогите што ги избира таа се „ликови кои не се двоумат да ризикуваат или да му се спротивстават на мејнстримот“.
Ларс Ајдингер (46), партнер на Изабел во нејзиниот последен филм „За Жоан“, зборуваше за привидната нејзина воздржаност, која, како што тој рече – „целосно исчезнува во мигот кога таа ќе зачекори пред камерите“.
Филмот на францускиот режисер Лоран Ларивиер беше претставен синоќа како дел од специјалната гала-проекција на овогодишното Берлинале.
Ипер е актуелна како заштитно лице на кампањата на Баленсијага за 2022, снимена во домот во Париз, заедно со Ким Кардашијан.