Иво Бошковски од Италија: Короната е цунами во здравството, веќе немаме места во болниците


Ова е цунами во здравството, порача денес Иво Бошковски, консултант гастроентрологист на Фондацијата на Универзитетската поликлиника „Агостино Гемели“ од Италија за време на дебатата организирана  од страна на Националната конвенција за ЕУ во Македонија околу пандемијата со коронавирусот.

-Борбата сега се води во болниците. Ситуацијата не е добра во моментов во Италија бидејќи сме во средината на октомври, а веќе сме претрупани.  Најоптимистичките очекувања се дека  вакцината може да стигне во март, така што од маските нема да се ослободиме минимум година ипол и тие треба да станат дел од нашата култура. Италијанската вклада има обврска да го наметне нивното носење и физичката дистанца без да се намали квалитетот на животот, во спротивно ќе биде катастрофа, рече Бошкоски додавајќи дека на дневна основа сега во Италија има по 11.000 новозаразени.

-Вирусот во овој период се пренесеува многу лесно, особено поради влажните услови и престојот во затворени простории. За Италија второ затворање ќе биде економска  катастрофа, а земјата веќе е во економска криза. Во моментов имаме речиси 11.000 заразени на ден и веќе немаме за сите места, така што ги праќаме полесните случаи во хотели каде што се регрутира нов пресонал. Со години се кратеа трошоците за здравството и ова што го гледаме сега е продукт на тие рестрикции практично со секој буџет. Во март кога избувна епидемијата буквално немавме маски да се бориме со неа, така што голем број лекари се заразија и умреа, како и медицински сестри и технички персонал“, изјави Бошковски.

Според него, како резултат на преоптовареноста на здравствениот систем повеќе луѓе во Италија умираат сега и од банални болести, како воспаленија на слепи црева, срцеви удари , опструкции на црева и слично, кои во нормални услови не би довеле до ваков исход, бидејќи ќе можело да им се одговори соодветно. Сега, од страв дека ќе се заразат или од неможноста на лекарите да им посветат внимание, трпи нивната здравствена состојба.

– Се создава долга листа на чекање за прегледи и за онколошките пациенти кои треба да одат на контрола, така што како здравство се вративме во осумдесетите и деведесеттите. Проблем е и да се направи обична крвна слика, така што сега сите други дијагнози се запоставени и ќе имаме акутна слика наредните неколку години бидејќи нема да успеваме да ги санираме тие случаи. Прогресираа и болестите на  пациентите што не одат на редовни контроли. Од друга стана стигаат лажни вести дека нема епидемија кои нанесуваат огромна штета на целата ситуација и на медицинскиот персонал, вели Бошковски.

Според него, италијанското искуство е дека со вториот бран доаѓаат пациенти кои се помлади, кои биле на прослави, родендени, свадби и слично.

-Имаме потреба од поддршка и од Владата и од сите институции на државата. Италијанската влада да донесеше одлука уште од април да биде задолжително носењето маски, немаше да бидеме во оваа ситуација. Тоа е едно од најефикасните заштитни сретства. Доволно е да се носи хируршка маска за да не се пренесе вирусот, која е ефтина и пристапна за сите. Сега се воведува таа мерка покрај полицискиот час, рече Бошковски.

Словачкиот експерт Јурај Мешик дополни дека од пред стотици години се знае дека маската дава заштита, бидејќи толку години ги користат хирурзите.Неговата проценка беше дека бројот на мртвите од пандемијата ќе се дуплира до крајот на годинава и дека Македонија нема да биде поштедена.

Тој порача дека главната дилема е сега како да се спасат повеќе животи и како да се превенира заразата. Според неговите анализи, освен маска и физичка дистанца, треба да се заштитат суштинските професии, да се засилува имунитетот со витамин Д и со цинк бидејќи се покажале корисни во справувањето со болеста, да се затворат училиштата и да се организира онлајн настава, да се лимитира групирањето, да се заштитат ранливите категории граѓани и да се преорганизира работењето така што да се работи пет дена а девет да се биде  слободен, место два како сега во време на викендот.

Тој се осврна и на терапијата која се употребува сега за лекување на Ковид 19 забележувајќи дека нема научна потврда за користа од лекор „ремдесивир“, а чини 2.100 долари, па забележа дека за ефтините лекови нема кој да лобира, а има за скапите. Од економски аспект тој прогнозираше дека земјите ќе ја решаваат кризата со печатење пари а тоа нужно ќе доведе до девалвација на вредноста на валутите.