Ивановска: Пристапот до лекови е горливо прашање особено во земји со среден приход како Северна Македонија


„Поглед во иднината за нашиот здравствен систем“ е насловена втората годишна конференција за здравство што во организација на Комитетот за здравство при Американската стопанска комора во Северна Македонија, (АмЧам), се одржува денеска во Скопје.

– Нашaта мисија во здравството е заедничка и од клучно значење е да одвоиме време и да размислиме за нашите претходни заклучоци, да го измериме напредокот, но и да бидеме спремни да ги забрзаме нашите напори за да го подобриме животот на нашите пациенти, рече на отворањето на конференцијата Александра Ивановска, претседателка на Комитетот за здравство при АмЧам.

Таа потсети дека правото на здравствена заштита е неприкосновено право на секој граѓанин и оти државата мора да го постави здравството како приоритет, преку обезбедување еднаков пристап до достапни, квалитетни и современи здравствени услуги за сите граѓани.

– Заштитата на здравјето на граѓаните не треба да назадува заради системски слабости. Институциите мора да се погрижат граѓаните никогаш да не се соочат со страшниот избор помеѓу живот и сиромаштија, помеѓу здравје и долг, истакна Ивановска.

Извонредниот напредок во медицината и фармацијата, посочи,отвори нови можности и подобрувања во здравството кои претходно беа незамисливи. Но, иновацијата сама по себе нема вредност доколку остане недостапна за граѓаните. – Пристапот до лекови, е горливо прашање, особено во земјите со среден приход како што е и Република Северна Македонија, оцени Ивановска.

Таа подвлече дека инвестициите во здравството се од клучно значење, а придобивките од таквите инвестиции треба да се квантифицираат за да се покаже вредноста на здравствената заштита.

Драган Давитков, претседател на одборот на директори на АмЧам оцени дека од минатата конференција досега е направен значителен исчекор во процесите за унапредување на пристапот до лекови.

 

– Дозволете да ги поздравам напорите на Владата на Република Северна Македонија и на Министерството за здравство како и на сите засегнати страни, во насока на воспоставување на функционален систем што ќе овозможи транспарентно и континуирано изменување и дополнување на позитивната листа на лекови, нагласи Давитков.

Како што појаснуваат организаторите, конференцијата има за цел да ја пренесе пораката за долгорочно и одржливо проектирање на целокупниот развој на домашниот здравствен систем, со акцент на потребата за подобрување на пристапот до лекови и искористувањето на податоците во креирање на здравствените политики.

Клучен говорник на овогодинешното издание на конференцијата е Боги Елијасон, директор за здравство на Институтот за футуристички студии од Копенхаген. Тој важи за еден од најзначајните светски експерти за дизајнирање на здравствени системи со преку 25 години консултантско искуство, работејќи за приватни компании, политичари и јавни институции, а во моментов е ангажиран на подобрување на германскиот здравствен систем, велат организаторите.

На конференцијата предвидено е да се одржат три панел – дискусии, насловени „Пристап до лекови – основен елемент на здравственото право“, „Искористувањето на податоците во креирањето на здравствените политики“ и „Момент на пресвртница: здравствениот систем на Република Северна Македонија“.

Најавено е учество и на министерот за здравство Фатмир Меџити, директорката на Фондот за здравствено осигурување Магдалена Филиповска Грашкоска, како и на советничката за здравство на премиерот, Ана Данева Маркова.