Ивановска ќе го симнува Иванов од „Скај сити“


Антикорупциската комисија вчера се сети на експретседателот Ѓорге Иванов, кој откако ја напушти функцијата – на 12 мај годинава и го пресели кабинетот во облакодерите на „Џевахир холдинг“ – речиси воопшто се нема појавено во јавноста. ДКСК најави дека ќе побара од Службата за општи и заеднички работи (СОЗРМ) на Владата да го раскине договорот за закуп на просториите на доскорешниот претседател и да му додели канцеларии во сопственост на државата.

Претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска, на вчерашната седница, рече дека сегашните простории на поранешниот претседател се избрани во нетранспарентна постапка и се најмени од блиско лице. Месечно, според Ивановска, за сите трошоци се плаќаат околу 4.500 евра, без платите на вработените.

Иванов замина од функцијата оставајќи ѝ многу работа на ДКСК, со оглед на постапките што беа отворени за испитување на имотот на експретседателот, кој пред завршувањето на функцијата купил два нови сатана на Водно, како и за указите за именувања и унапредувања во Армијата, кои тој ги објави во „Службен весник“ по распишувањето на претседателските избори и тоа со старото име на државата.

Вчерашниот потег на ДКСК предизвика реакција од Иванов.

„Претседателката на ДКСК изнесе невистини и свесно се обиде да манипулира со јавноста, како и во неколку претходни наврати. Договорот што го склучи СОЗРМ со наша согласност, а е наменет за користење на простории за канцеларија на поранешен претседател, следи врз основа на Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата донесен од Собранието на Република Македонија“, се наведува во реакцијата од кабинетот на Иванов, од која може да се забележи и дека експретседателот и натаму избегнува да го користи новото име на државата.

Заедно со реакцијата на неговиот кабинет, до медиумите е испратен и договорот за закуп на новите канцеларии на Иванов. Договорот е приложен како доказ дека висината на киријата на целосно опремениот простор изнесува 1.950 евра месечно, а не како што изјави претседателката на ДКСК – 4.500 евра за сите трошоци.

„Според тоа што ни беше укажано од СОЗР, тие процедурата ја спроведуваат на идентичен начин и правила кои според нивните кажувања важеле за сите поранешни претседатели. Очигледно е дека личниот анимозитет и политичките ставови на поранешниот претседател се единствената причина за континуираниот обид за нанесување штета на неговиот углед“, стои во реакцијата испратена од кабинетот во зградите на „Џевахир холдинг“.

Оттаму ја повикуваат Ивановска да се произнесе и за имотот на Иванов бидејќи, како што се наведува, доволно ѝ биле пет месеци за да ја утврди имотната состојба на поранешниот претседател.

„Ивановска треба да констатира дека поранешниот претседател има само еден стан, за кој има подигнато кредит, а не повеќе станови, како што таа претходно манипулираше со јавноста. За таа цел, поранешниот претседател Иванов ѝ ги достави сите сметки и уплати за единствениот стан, а воедно се откажа и од тајноста на банкарските сметки“, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов.

Фото: Б.Грданоски Иванов се пресели од Водно во облакодерите на „Џевахир холдинг“ во скопски Аеродром
Заедно со барањето да биде раскинат договорот за закуп на канцелариите на експретседателот, Ивановска вчера покрена и иницијатива за ограничување на привилегиите за експретседателите. Таа рече дека во мала и сиромашна држава како нашата се трошат многу средства за поранешните претседатели, а нема ниту ограничувања колку години треба да им се покриваат трошоците по завршувањето на нивниот мандат, како што е во најголем број држави во регионот и пошироко. Тие, како што наведе, не поднесуваат ни извештај какви активности имале или имаат.

Според пресметките на Антикорупциска, за десет години за трошоците на поранешните претседатели се потрошени повеќе од еден милион евра. Затоа, ДКСК предлага да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста за Законот за правата на поранешните претседатели и да се поднесе иницијатива до Собранието за преиспитување на законското решение во смисла на ограничување на времетраењето на привилегиите.

Освен Иванов, правото на доживотна претседателска апанажа, службени канцеларии, неколку соработници, обезбедување и возач го користи и неговиот претходник на претседателската функција – Бранко Црвенковски. Неговите канцеларии се во центарот на Скопје, во близина на седиштето на СДСМ и, според информациите, и тие се под закуп за што кирија плаќа СОЗРМ.

Актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски набрзо по преземањето на функцијата од Иванов, најави дека кога ќе му заврши мандатот во 2024 нема да ги користи привилегиите, туку ќе се врати да предава на Американ колеџ во Скопје. Тој посочи дека единствено ќе побара една канцеларија во МНР, за да може да контактира со граѓани.

Како што порано објави „Независен весник“ по преселбата на Иванов од Водно, компанијата „Турмак“, фирма сателит на „Џевахир холдинг“, е потписник на договорот за закуп на двата стана во „Џевахир скај сити“ за потребите на кабинетот на поранешниот претседател. Од компанијата ни изјавија дека се работи за 274 квадратни метри деловен простор.

„Договорот е склучен во времетраење од една година и е во сопственост на компанијата ‘Турмак’. Според договорот, месечниот закуп за 274 квадратни метри деловен простор изнесува 1.950 евра“, ни изјавија тогаш од „Џевахир скај сити“. (А.М.М.)