Иванов во „Џеваир холдинг“: Голем сомнеж за доживотниот кабинет со птичја перспектива
Официјалниот крај на шефувањето со државата отвори ново контроверзно поглавје во кариерата на Ѓорге Иванов. Неговото барање до Владата, кабинетот кој законски му следува по завршувањето на функцијата да биде во кулите на турски „Џеваир холдинг“ во скопски Аеродром, кое до последен момент љубоморно го држеше во тајност, предизвика низа сомнежи во јавноста.
Клучното прашање што се постави е дали двата стана во кулите се негови или се во сопственост на близок член на семејството. И од Антикорупциската комисија најавија дека ќе реагираат по допрен глас.
Како што објави емисијата „360 степени“, Иванов, кој во 2012 година неколку месеци пред да почнат да се градат зградите беше кум на свадбата на Есер Џевахир, син на инвеститорот Ибрахим Џеваир кој ги изгради кулите, ќе има две канцеларии во една од 42-катниците. Едната, за службените обврски на неговиот кабинет, е на 22. кат, другата за библиотека и состаноци е на 38. кат, а вкупната месечна кирија, неофицијално, е околу 2.000 евра. Иванов ќе има пензија во висина на претседателската плата, околу 100.000 денари, кабинет, возач, автомобил, телохранители и три службеници во кабинетот.
Буџетот на идната канцеларија на Иванов, според законот, е во висина од осум отсто од буџетот на претседателот на државата, кој за 2019 година изнесува 81 милион денари. Толкав буџет, освен Иванов, има и канцеларијата на поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Вкупно двете канцеларии на поранешните претседатели ќе ја чинат државата околу 210.000 евра годишно.
По вчерашната церемонија на примопредавање на функцијата, Иванов се исели од претседателската палата на Водно, каде што живееше 10 години. Засега е непознато каде ќе продолжи да живее со оглед на тоа дека на избор има три стана. Два во новата зграда на Водно од 130 и 90 квадратни метри и еден во центарот на Скопје во сопственост на неговата сопруга. Од Антикорупциска рекоа дека ќе ја истражуваат имотната состојба на Иванов, вклучувајќи ги и двата стана кои се водат на име на неговиот син и, според проценките, се во вредност од околу 250.000 евра, со цел да се види каква промена има во имотот на веќе поранешниот претседател во двата негови мандати.
Од кабинетот на Иванов кога изби аферата со становите рекоа дека претседателот купил само еден стан, но не го пријавил зашто сè уште не го исплатил и нема имотен лист. „Сите пријавени средства во анкетниот лист за имотната состојба на претседателот Иванов по стапувањето на функцијата претседател се употребени како уплата за купување на еден стан за кој дополнително е земен и кредит. Станот сè уште не е исплатен и не е во сопственост на семејството Иванови и поради тоа не може да биде пријавен во анкетниот лист“, рекоа од кабинетот.
Одлуката на Иванов за „панорамско“ следење на политичките случувања и извршување на доживотната функција во облакодерите на „Џеваир холдинг“ и не изненадува ако се има предвид дека тој е еден од оние кои директно учествувале во реализацијата на мега проектот. Тоа го потврди и вицепремиерот за економски прашања во Владата на Никола Груевски во увертирата на кампањата за неговиот втор претседателски мандат во 2014 година. Во обраќање пред велешани тој истакна дека претседателот Иванов бил со нив во сите проекти, но не само со поддршка на законите. „Дозволете да ви кажам два примери. Претседателот Иванов се вклучи во процесот на преговори со турската компанија ‘Џеваир холдинг’. Тоа е компанијата која ги гради висококатниците во Скопје, првите згради над 100 метри височина во Македонија кои ќе имаат по 40 ката. Во овој процес, за да се помогне да се донесе позитивна одлука, прво нашиот претседател оствари средба со еден од најмоќните градоначалници во Турција, личен пријател на господинот Џеваир, сопственик на ‘Џеваир холдинг’, кај кого директно лобираше за овој проект“, посочи Пешевски нагласувајќи дека оваа инвестиција не би била возможна без заложбите на претседателот Иванов.
Реализацијата на инвестицијата проценета на околу 300 милиони евра (1.300 стана, деловен и трговски простор) ја започна Ибрахим Џеваир, кој почина во 2015 година, а ја продолжи неговиот син Есер. Иванов беше на неговиот погреб во Истанбул, при што имаше уште една од многубројните средби со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Освен по политичките чекори и одлуки што го носеа општеството кон експлозија, претседателствувањето на Иванов ќе остане запаметено и по неверојатно големиот број посети на Турција. Во 2018 година тој дури шест пати ја посети оваа земја предизвикувајќи дилеми во јавноста која е всушност целта да се посетува иста земја со толкав интензитет. Посетите беа од различен карактер – од учество на самити, преку церемонии на отворање аеродроми, примање почесен докторат… до присуство на инаугурацијата на Ердоган.
Без оглед на дијаметрално спротивставените политички ставови, Иванов и актуелната владејачка структура очигледно размислуваат идентично по едно прашање – дека е добро да се сочува семејството Џеваир како пријател на земјата, чија компанија, која е формирана 1959-та година, со седиште во Истанбул, оперира на светско ниво и работи со трговски центри, хотели, градежништво, рударство, осигурување, трговија, инвестиции и обезбедување.
Во мај минатата година Владата донесе одлука за отворање два нови почесни конзулати, во Турција и Казахстан. Почесниот конзулат во Турција е со седиште во градот Едрене, а за почесен конзул е назначен токму Есер Џеваир, првиот човек на „Џеваир холдинг“.
Лани, Есер Џеваир (на чија свадба меѓу гостите освен Иванов беше и Ивица Коневски, ексградоначалникот на Аеродром, во чие време започна изградбата на кулите) во друштво на актуелниот градоначалник од редовите на СДСМ, Златко Марин, обзнани дека неговата компанија ќе финансира во кошаркарскиот клуб од оваа Општина, МЗТ Скопје. Финансиските детали од договорот на една година, со надеж за подолгорочна соработка, не беа откриени и останаа деловна тајна, а Џеваир изјави дека проектот што неговата фирма го почнува со МЗТ Скопје е предизвикан од општествената одговорност што ја чувствува овој субјект, кој егзистира и на нашиот пазар. (Н.К.)