Иванов лобирал за „Џевахир“, сега е нивни кираџија


Фото: Б. Грданоски

Компанијата „Турмак“, фирма сателит на „Џевахир холдинг“, е потписник на договорот за закуп на двата стана во „Џевахир скај сити“ за потребите на кабинетот на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов. Од компанијата за „Независен весник“ велат дека се работи за вкупно 274 метри квадратни деловен простор.

– Помеѓу компанијата „Турмак“ АД – подружница Скопје и Службата за општи и заеднички работи на Република Северна Македонија е склучен договор за закуп и користење на опремен службен простор за потребите на кабинетот на поранешниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов. Договорот е склучен во времетраење од една година и е во сопственост на компанијата „Турмак“. Според договорот, месечниот закуп за 274 метри квадратни деловен простор изнесува 1.950 евра – велат во одговорот до „Независен весник“ од „Џевахир скај сити“.

Буџетот на идната канцеларија на Иванов, според законот, е во висина од осум отсто од буџетот на претседателот на државата, кој за 2019 година изнесува 81 милион денари. Толкав буџет, освен Иванов, има и канцеларијата на поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Вкупно двете канцеларии на поранешните претседатели ќе ја чинат државата околу 210.000 евра годишно.

Барањето на Иванов до Владата, кабинетот кој законски му следува по завршувањето на функцијата да биде во кулите на турски „Џевахир холдинг“ во скопски Аеродром, кое до последен момент љубоморно го држеше во тајност, предизвика низа сомнежи во јавноста, со оглед на тоа што тој директно беше вклучен во лобирањето за влез на турскиот гигант во градежниот пазар во земјата. Без него, како што рече тогашниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски, инвестицијата немало да се реализира. Според правилата на Европската Унија, ваквиот договор по дефиниција би се сметал за корупција или барем за конфликт на интереси бидејќи може да алудира на награда за Иванов за обезбедениот пазар во Македонија.

Во 2012 година, неколку месеци пред да почнат да се градат зградите, Иванов беше кум на свадбата на Есер Џевахир, управител на фирмата „Турмак“ и син на инвеститорот Ибрахим Џевахир, кој почина во 2015 година. Тоа беше доволно да се јават сомнежи во јавноста дали становите се негови или можеби се во сопственост на близок член на семејството.

Двата стана се наоѓаат во кулата А. Првиот на 22. кат ќе го користи за службени обврски на кабинетот, другиот на 38. кат ќе биде наменет за библиотека и состаноци. Од Антикорупциска вчера останаа на најавата дека веројатно ќе отворат предмет.

– Сè уште собираме информации околу случајот со работните канцеларии на експретседателот Иванов во двата стана, во една од кулите во „Џеваир холдинг“. Кога ќе ја добиеме соодветната документација од институциите ќе отвориме предмет – ни изјави вчера претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска, за време на кратката пауза од состанокот на кој неофицијално се разговарало и за новиот случај со Иванов. Пред два месеци против него веќе беше отворена постапка за проверка на имотната состојба, вклучувајќи ги и двата стана на Водно кои, наводно, се водат на име на неговиот син и чинат околу 250.000 евра. Од кабинетот на Иванов кога изби аферата рекоа дека претседателот купил само еден стан за кој е земен дополнителен кредит, но не го пријавил зашто сè уште не го исплатил и нема имотен лист.

Одлуката на Иванов за „панорамско“ следење на политичките случувања и извршување на доживотната функција во облакодерите на „Џеваир холдинг“ не изненадува ако се има предвид тесната поврзаност на Иванов со семејството Џеваир. Но без оглед на дијаметрално спротивставените политички ставови, сепак, тој и актуелната владејачка структура очигледно размислуваат идентично по едно прашање – дека е добро турското семејство да се задржи како пријател на земјата, чија компанија, која е формирана 1959-та година со седиште во Истанбул, оперира на светско ниво и работи со трговски центри, хотели, градежништво, рударство, осигурување, трговија, инвестиции и обезбедување. Во мај минатата година Владата донесе одлука за отворање два нови почесни конзулати, во Турција и Казахстан. Почесниот конзулат во Турција е со седиште во градот Едрене, а за почесен конзул е назначен токму Есер Џеваир, првиот човек на „Џеваир холдинг“.

Лани, Есер Џеваир (на чија свадба меѓу гостите освен Иванов беше и Ивица Коневски, ексградоначалникот на Аеродром, во чие време започна изградбата на кулите) во друштво на актуелниот градоначалник од редовите на СДСМ, Златко Марин, обзнани дека неговата компанија ќе финансира во кошаркарскиот клуб од оваа општина, МЗТ Скопје. Финансиските детали од договорот на една година, со надеж за подолгорочна соработка, не беа откриени и останаа деловна тајна, а Џеваир изјави дека проектот што неговата фирма го почнува со МЗТ Скопје е предизвикан од општествената одговорност што ја чувствува овој субјект, кој егзистира и на нашиот пазар.

Наум Котевски