Иванов: Едно општество за сите е орвеловска идеја
Концептот едно општество за сите е фашистичка, орвеловска идеја, оцени поранешниот претседател Ѓорге Иванов во онлајн дебатата организирана на тема „Идентитетот и европската интеграција“ организирана од Европското движење, а по повод годишнината од смртта на Димитар Мирчев.
„Не можете да станете едно општество. Тоа е составено од различни идентитети на овој простор каде што живееме, етнички, религиски и други. Едно општество е тоталитаризам, одиме кон Хитлер. Тоа не е нешто што ќе ја направи Македонија обединета, туку ќе создаде нова догма на која ќе ѝ се поклонуваме. Веќе 30 години сме во демократија и не правиме разлика меѓу човекови права, граѓански права и државјанство. Сите треба да ги негуваме. Нашиот концепт треба да подразбира една држава за сите, а не едно општество. Вака, ќе имаме едно општество, една партија, еден водач… Европскиот концепт прави разлика меѓу општество и држава“, рече Иванов.
Како пример тој ги посочи Словенија, која забранила политички партии на етничка основа и Бугарија, која не признава етнички групи. Притоа тој откри дел од неговата конверзација со поранешниот бугарски министер за надворешни работи Даниел Митов и зошто пропаднаа тогаш преговорите со Бугарија околу Договорот за пријателство.
Митов, според Иванов, се повикал на тоа дека со 100.000 бугарски пасоши, што според него ги имаат наши граѓани, Бугарите сега имаат основа да станат конститутивен сегмент во Македонија. На тоа Иванов му посочил дека тие самите како држава не признаваат етнички идентитет туку граѓанство и, ако врз основа на овој факт се повикуваат на права кај нас, зошто тогаш и Македонија да не се повикува на исти права, да се грижи за Македонците со бугарско државјанство, бидејќи никој од тие 100.000 Македонци не се откажал од македонско државјанство.
„Соседите создадоа интеграција со асимилација и нашиот модел им боде очи.Тука е конфликтот. Политичарите не прават разлика што е човеково право, што е општество, што е држава. Кога се зборува за идентитет не можете да избегате од дефиницијата на Сталин, која сѐ уште ја користат ОН и ЕУ. Сега ЕУ сака да излезе од тој концепт и преку акито бара да ги оствариме поглавјата 23 и 24 за правда и внатрешни работи. Но, ние не треба да чекаме да го побараат тоа од нас, треба сами да ги оствариме. Рајнхарт Прибе точно лоцираше каде е проблемот кај нас. Концептот на моќ создава привилегирани. Тие се основата на она што го вели народот – дека душа и власт најтешко се испуштаат. Каде е власта таму е сласта. Да не бидам вулгарен, но кој остварува она што го ветува? Колку лаги слушнавме изминатите 20 години? Сега Европа ќе нѐ натера да го спроведеме тоа, да бидеме граѓани, да изградиме заеднички живот на сите, но во една унитарна мултикултурна држава. Да создадеме држава во која ќе имаме човекови права кои ќе ги негуваме како луѓе и граѓански права кои ќе ги негуваме како државјани. Причината што досега не е остварено тоа се вика УДБА, УБК, догматски конзервативни сили кои не ни дозволуваат да станеме европска земја“, порача Иванов, во првото јавно обраќање откако не е претседател.
Според него, едно општество за него значи еднакви шанси и еднаков пристап за сите, а не моќта да се врти околу премиерската фотелја. (Н.В.)