Иванка Трамп и Џаред Кушнер се негативни на Ковид-19, велат извори од Белата куќа


САД- Најстарата ќерка на претседателот Трамп и постар советник Иванка Трамп и нејзиниот сопруг, советникот во Белата куќа, Џаред Кушнер, се негативни на коронавирус, откако претседателот Трамп и првата дама Меланија Трамп се покажаа позитивни на Ковид-19, потврдија извори од Белата куќа. Тие се постојано околу Трамп, а Кушнер заедно со советничката Хоуп Хикс која наводно го заразила американскиот претседател, беа со Трамп на последното патување пред тестирањето. Фотографиите покажуваат дека никој од нив не носел маска.

Советничката Хоуп Хикс

„Молејќи се за брзото закрепнување на татко ми и Меланија и за сите погодени од Ковид-19“, напиша на Твитер Иванка Трамп. „Додека тие заедно се борат против ова, претседателот ќе продолжи да се бори за народот на оваа голема земја“.

Во меѓувреме, најмладиот син на претседателот, Барон Трамп, исто така беше негативен на тестот за коронавирус.

Барон Трамп

„Барон беше негативен на тестот и се преземаат сите мерки на претпазливост за да се осигури дека тој е безбеден и здрав“, изјави за Фокс њуз портпаролката на првата дама Стефани Гришам.

Тестирањето на семејството Трамп доаѓа откако Трамп и првата дама преку ноќ објавија дека и двајцата биле позитивни.