Иван Стоиљковиќ на форум во Москва: Ќе ја спасуваат Европа од хегемонијата на Америка


 

Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Стоиљковиќ, беше во посета на Москва каде се одржува Безбедносен форум, а еден од гостите е токму Стоиљкович. Еден од главните гости на настанот беше претседателот на Република Српска, Милорад Додик, е меѓу учесниците е идиректорот на српската Безбедносна-информативна агенција, Александар Вулин. Највисоката личност од руската власт е моќниот шеф на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев.

Пред присутните на безбедносниот форум видео-обраќање имал рускиот претседател Владимир Путин, според кого Русија и нејзините сојузници ќе успеат во намерата да се изгради поправеден свет и дека јакнењето на стабилноста во светот е единствена алтернатива на „западните санкции“.

Според Путин, одредени земји и здруженија се стремат да ја задржат својата доминација во светот, целосно игнорирајќи ги интересите и суверенитетот на другите, веројатно не мислејќи на она што Русија го прави во Украина.

„Сето ова е придружено со акумулација на воен потенцијал, мешање во внатрешните работи на други земји, како и обиди да се извлечат унилатерални предности од енергетската и прехранбената криза предизвикана од бројни западни земји“, истакна Путин.

Стоиљковиќ не учествува за првпат на овој форум, но во 2019. година посетата на Русија ја најави преку социјалните мрежи. Тој тогаш напиша дека форумот е место и начин за водење професионален дијалог за проблемите од областа на безбедноста.

Стоиљковиќ и неговата партија се едни од најверните коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ долги години наназад. Неговите политички погледи секогаш биле многу повеќе про-источни, попрецизно кажано, проруски.

Милорад Додик во обраќањето на форумот рече дека српскиот народ станал првата жртва на хегемонијата на западните фактори и НАТО.

„Првата агресија на НАТО беше извршена врз Република Српска, потоа врз Србија, потоа врз другите земји“, рече тој.

Лидерот на босанските Срби истакна дека денес целата меѓународна политика е во забрзана динамика, се воспоставува мултиполарен поредок со нови структури на моќ.

„Новиот предизвик е будењето на идеологијата на нацизмот и фашизмот како оружје против Русија. Енергетската безбедност на Европа е загрозена бидејќи Европа сѐ уште зависи од руските енергетски извори“, изјави претседателот на Република Српска.