Иван Поповски прогласен за најдобар режисер во Русија според публиката
Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, кој над 3 децении живееше и работеше во Русија, а последниве години живее во Македонија, а работи во Москва, ја доби наградата Ѕвезда на публиката, во категоријата Најдобар режисер за изминатата сезона. Публиката го награди Поповски за претставата „Обично чудо“ во реномираниот Театар Вахтангов во Москва.
Победниците за 2024 година ги одбраа повеќе од 178 илјади гласачи.
Поповски во Русија беше во врвот на културната елита и постави театарски и оперски претстави, меѓу другите и во Бољшој, кои беа оценувани со најпозитивни рецензии. Претставите на Поповски, кои руската критика ги оценува како спектакли, ги имаат добиено престижните награди „Кристален турандот“, „Музичкото срце на Русија“ и „Златен витез“ и медалот „Пушкин“.
Последен пат во Македонија работеше изминатава пролет, кога во Националната опера и балет (НОБ) ја постави операта „Трубадур“ за отворањето на Мајските оперски вечери, а претходно во МНТ ја режираше „Мајсторот и Маргарита“.