Иван Крастев: Бугарското вето за преговорите на С. Македонија би било апсурдно


Бугарскиот политички аналитичар Иван Крастев не очекува Бугарија да го блокира почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ

-Не очекувам дека Бугарија ќе ги блокира овие преговори. Европската интеграција на Западен Балкан е стратешки важна за Бугарија. Покрај тоа, токму во рамките на бугарското претседателство тоа стана приоритет за Брисел. Во оваа смисла, бугарското вето би било апсурдно. Само ќе изгледаме смешно. До вчера се боревме за отворање на ЕУ за Северна Македонија, денес сакаме да ги запреме. Не дека апсурдни работи не се случуваат, но убеден сум дека ниту Владата ниту претседателот не би дозволиле Бугарија да се најде во ситуација на тотална изолација во рамките на ЕУ, вели политикологот Крастев во интервју за бугарскиот весник „Дневник“.

Во однос на отвореното писмо од триесеттина бугарски интелектуалци, историчари, научници и јавни личности против појаснувачкиот меморандум што Софија го испрати до ЕК и земјите членки, во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон ЕУ, Крастев оценува дека тоа е важно, бидејќи меѓу неговите потписници се некои од најавторитетните бугарски историчари.

-Јас не сум историчар, но сметам дека обраќањето е важно, затоа што меѓу потписниците има некои од најавторитетните имиња во нашата историска наука, бидејќи тоа јасно покажува дека историските спорови не се и не треба да бидат спорови меѓу земјите, тоа се спорови меѓу историчари. И затоа што Европа не може да не разбере ако нашиот став е дека сите нации во Европа се „природни“ и само „македонската“ е вештачки и дека само Македонците во Европа не знаат на кој јазик зборуваат, вели угледниот бугарски аналитичар.

Според него, почетокот на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија не значи дека Бугарија ги прифаќа тезите на Скопје. – Едноставно, Брисел не може да ја замени потребата од сериозна историска наука, посочува аналитичарот Крастев.