Иван Костов: Перчењето на ВМРО пред Скопје нема да даде резултат

Поранешниот премиер Иван Костов сепак вели дека одлуката за почеток на преговорите во декември треба да се одложи

Министерот за одбрана Красимир Каракачанов добива популарност, расправајќи се со соседните политичари. Перчењето на ВМРО нема да даде резултати. Така поранешниот премиер на Бугарија, Иван Костов, ја коментираше компликацијата на дипломатските односи меѓу Скопје и Софија во интервју за бугарското Радио Дарик.

Костов беше поканет да ја коментира темата, бидејќи како премиер во 1999 година тој и неговиот колега Љупчо Георгиевски потпишаа заедничка декларација, со што се отвори реална можност за решавање на спорните проблеми и нормализирање на односите. Денес Бугарија ѝ наметнува голем број услови на северна Македонија со цел Скопје да се согласи да ги започне разговорите за пристапување во ЕУ. Двете страни имаат меѓусебни побарувања за непочитување на договорот за соседство потпишан во 2017 година.

Според поранешниот премиер, „земјите-членки на ЕУ се во можност да разберат дека проблемот е нивен бидејќи не можат да прифатат земја како членка со толку огромни дефицити“ и зависности наследени од комунистичкото минато во рамките на поранешна Југославија. „Без оглед на договорите што ќе бидат потпишани, нема да се прават соодветни напори во Македонија за нивно спроведување“, додаде тој.

Костов сугерираше дека наместо да се расправа околу историјата, Бугарија треба да инсистира на вклучување на преговарачко поглавје во кое ќе бидат напишани услови, без чие исполнување Северна Македонија нема да може да влезе во ЕУ. Според него, ова би било поприфатливо за сегашните политичари во Скопје и би било гаранција дека секој што ќе дојде на власт ќе ги почитува. „Ова ни се случи – прво од нас беше замолено да реформираме, а потоа да бидеме прифатени. Ние исполнивме речиси сè, нешто не исполнивме и затоа сме мониторирани 13 години“, вели поранешниот премиер.

Според него, преговорите меѓу Македонија и бугарската влада треба да продолжат, но со променет фокус – преговори за патоказ со кој соседот ќе биде должен да ги исполни сите услови да стане членка на ЕУ.

Според Костов, почетокот на преговорите во декември треба да се одложи.