Ивајло Калфин: Историската комисија не може да решава политички проблеми


Однесувањето на бугарската влада кон Република Северна Македонија во последните години доведе до ситуација во која секој потег е губитнички. Ова за бугарското Радио Дарик го изјави поранешниот министер за надворешни работи Ивајло Калфин.

Според него, во моментов постоеле основи за блокирање на Македонија, иако Бугарија нема да има корист од засилувањето на антибугарската реторика и изолацијата во Европската унија.

Една од најголемите грешки е што експертска историска комисија има задача да решава политички проблеми, рече Калфин.

Според него, излезот е билатералните прашања да се донесат на политичко ниво и да се дефинираат нејаснотиите во Договорот за добрососедство. Што е заедничка историја, на пример, може да се разјасни и дефинира во рок од два месеци, вели Ивајло Калфин.

Пристапот на Грција е многу различен и тешко може да се спореди, истакна тој. Додека Грција има за цел да се разликува, Бугарија има за цел да покаже дека имаме заедничка историја. Ние допрва треба да ги едуцираме двата народа дека имаме заедничка историја по годините на „српската пропаганда во спротивна насока“, рече поранешниот министер за надворешни работи.