„Итно исполнување на обврските“: Одговор на Стејт департментот за средбата Вучиќ и Курти


– Соединетите Американски Држави ги повикаа Косово и Србија итно и сериозно да се заложат за исполнување на обврските кои произлегуваат од дијалогот што го водат, се наведува во реакцијата на Стејт департментот, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ги поздравуваме средбите што се одржаа за да се унапреди процесот на нормализација, се наведува во одговорот за Гласот на Америка во врска со средбата меѓу лидерите на Косово и Србија, Албин Курти и Александар Вучиќ, со претставници на Европската унија и лидерите на земјите-членки.

„Стејт департментот наведува дека продолжуваат силно да го поддржуваат дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на Европската унија, „како единствен начин што ќе ги обезбеди нивните мирни и продуктивни односи и ќе ги исполни нивните аспирации за членство во Унијата“.

Претседателот на Србија им се обрати на граѓаните на Србија по средбите со европските претставници во Брисел, на маргините на самитот на Европскиот совет, велејќи дека не може да зборува за деталите, бидејќи така е договорено и дека предлогот за ЗСО е добра основа за понатаму.

Од друга страна, Албин Курти во изјавата по средбата изјави дека „Вучиќ одбил да го потпише договорот со Косово и побара да се прифати дополнителен документ со кој практично се укинуваат трите принципи на Основниот договор“.