Итно до број за итни случаи


Случајот со овчарот на кого му беше потребна медицинска помош во Кратовско, е последен во низата случаи кој потсетува дека долго најавуваниот единствен број за итни случаи нѝ треба повеќе од итно.

Ова прашање го покренаа и поплавите во Скопје кога загинаа 22 луѓе, а подоцна и автобуската несреќа кај Ласкарци.

Она што е долгогодишна пракса во САД со единственот број за итни случаи што го знае речиси цел свет 911, благодарение на филмовите, функционира и во Европа, со бројот 112.

Тие се водат како единствен број за итни случаи, а операторите од центарот го проследуваат повикот до соодветната институција и до најблиското возило кое може да пружи помош. Ако не сакаме да се споредуваме со САД, тогаш да погледнеме кон Европската Унија, чиј член се стремиме да станеме. И таму функционира број за итни повици 112, па граѓаните на земјите од цела Европска Унија може да побараат помош од пожарникари, медицинари или полиција.

На страницата europe.eu стои известување дека „112 е Европски борј за итни случаи што може да го повикае бесплатно од фиксен или мобилен телефон секаде во ЕУ. Повикот ќе ве однесе директно до итните служби – полиција, амбуланта, противпожарна служба“.

Потсетуваат дека националните броеви за итни случаи, исто така се во функција, покрај бројот 112. Но, 112 е единствен број што може да го користите за контакт со итните служби во сите ЕУ земји.

112 се користи и во некои земји кои не се членки на ЕУ, како Швајцарија и Јужна Африка.

За пример, како функционира овој број за итни случаи наведуваат дека на еден Грк му се запалил станот во Лисабон, Португалија, веднаш штом се вселил таму, со цел да студира. Тој не ги знаел португалските броеви за итни случаи, но се сетил дека може да го искористи бројот 112 во Португалија, исто како и во неговата родна Грција. Затоа го избрал 112 бројот и бил веднаш поврзан со лисабонските служби за итна помош, кои веднаш пратиле противпожарна бригада во неговиот стан.

Дека и Македонија ќе го добие овој европски број 112 беше најавено пред неколку години, а според последните најави од Центарот за управување со кризи во 2019 година, пред пандемијата од корона вирус, се вели дека системот треба да профункционира на почетокот на 2021 година.

– Имплементацијата на единствениот европски број за итни повици 112 е започната и во најголем процент воведувањето во употреба на овој број треба да заврши кон крајот на 2020 и почетокот на 2021 година. Обезбедени се финансиски средства за завршување поголем дел од имплементацијата и воведување во употреба на единствениот европски број за итни повици 112. Паралелно со набавката на опремата ќе се работи и на обука на лица што ќе ги примаат повиците и ќе управуваат со нив. Во моментов исто така се работи на градежно, информациско и комуникациско уредување на просторот наменет за оперативниот центар за единствениот европски број за итни повици 112 – информирале тогаш од ЦУК.

Но, до ден денеска, овој систем ниту профункционира, ниту некој може да го користи. Досега надлежните не кажале ни колку пари биле обезбедени, ниту ако веќе биле обезбедени, за што се потрошиле.

Се додека не се воспостави овој централен систем и додека не профункционира единствен број за итни случаи, граѓаните се оставени на стариот систем односно за полиција да повикаат 192, за пожарна – 193, за итна медицинска помош – 194, за Центарот за управување со кризи – 195…(Б.Б.)