Итна седница на Владата во Либан поради израелските напади
Вршителот на должноста премиер на Либан, Наџиб Микати свика итна седница на Владата на која ќе се разговара за серијата израелски воздушни напади изутрината во јужен Либан.
Израелската војска рано утринава изврши повеќе од 40 воздушни напади врз јужен Либан, како што рече, обидувајќи се да го спречи широкиот напад на групата Хезболах врз Израел, пишува „Гардијан“.
Во нападите загинаа три лица, а четворица се полесно повредени, а либанската државна новинска агенција објави дека по израелските напади избувнале пожари. Израелските власти рекоа дека превентивните напади на Израел спречија напади врз централен Израел.
Хезболах рече дека превентивните напади на Израел не влијаеле на неговиот напад и дека сите беспилотни летала биле лансирани „како што е планирано“. Либанската група соопшти дека нападнала 11 воени бази во северниот дел на Израел и лансирала повеќе од 320 ракети во „првата фаза“ од нападот, што според неа, е одмазда за убиството на еден од командантите на Хезболах, Фуад Шукра во Бејрут минатиот месец. Хезболах го обвини Израел за нападот.
Канцеларијата на специјалниот координатор на Обединетите нации за Либан и мировната мисија на ОН на Блискиот Исток ги оценија како „алармантни“ случувањата на израелско-либанската граница. Тие ги повикаа сите засегнати страни да го прекинат огнот и да се воздржат од натамошна ескалација на тензиите.
Египет предупреди дека откривањето на нов фронт од блискоисточниот конфликт во Либан крие опасност.Каиро исто така повика на стабилност поради неодамнешното избивање на борби меѓу либанското шиитско движење „Хезболах“ и Израел.
Израел утринава уништи илјадници ракети на Хезболах, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и нагласи дека израелската Влада е одлучна да направи се за да ја заштити земјата.
„Утрово ги откривме подготовките на Хезболах за напад на Израел. Во консултација со министерот за одбрана и началникот на Генералштабот на ИДФ, и наредивме на нашата војска да дејствува проактивно за да ги елиминира заканите“, рече Нетанјаху на почетокот на утринскиот вонреден состанок на кабинетот за национална безбедност, откако Хезболах соопшти дека ја провел „прва фаза“ од нападите врз Израел како одговор на убиството на главниот командант на групата.
Според Нетанјаху, оттогаш израелската армија интензивно работи на спречување закани и уништила илјадници ракети кои биле насочени кон северот на Израел, а исто така спречува и многу други закани и дејствува со голема сила во одбраната и нападот, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Шон Савит изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден „внимателно ги следи случувањата во Израел и Либан“.
„Тој беше ангажиран во текот на целата вечер со неговиот тим за национална безбедност“, рече Савит, а пренесува „Тајмс оф Израел“.
Тој изјави дека по наредба на Бајден, американски официјални претставници се во континуирана комуникација со израелските партнери.
„Ќе продолжиме да го поддржуваме правото на Израел на самоодбрана и ќе продолжиме да работиме за регионална стабилност“, посочи Савит.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант објави дека прогласил вонредна состојба, а претставникот на израелските одбранбени сили контраадмирал Даниел Хагари изјави дека десетици израелски воени авиони нападнале цели во различни области на јужен Либан.