Итна модернизација на граничниот премин Евзони! Ќе се одвива во две фази, завршување на работите до 2026 година

Грците во пресрет на летната туристичка сезона најавија модернизација на граничниот премин низ кој годишно минуваат околу пет милиони луѓе.
Грчката влада започна итен план за модернизација на еден од најфреквентните гранични премини со Северна Македонија, Евзони, со цел да се намали времето на чекање и да се олесни влезот на туристите во текот на летната сезона.
Одлуката е донесена на проширен состанок во Солун, кој заеднички го свикаа заменик министерот за внатрешни работи за областа Македонија-Тракија, Константинос П.Гкулекас и секретарот на Децентрализираната управа на Македонија-Тракија Јоанис Савас, пишува Националната асоцијација на туристички агенции ЈУТА.
Во првата фаза се планира зголемување на бројот на службеници на самиот премин, што, според учесниците на состанокот, веднаш треба да придонесе за забрзување на пасошите и царинските проверки. Ова би ги намалило гужвите што често се формираат во текот на летните месеци на влезот во Грција, особено од правец на Србија и Северна Македонија.
Втората фаза опфаќа обемна реконструкција на инфраструктурата на граничниот премин. Предвидено е целосно реновирање на објектот, паркинг просторот и организација на сообраќајот во преодната зона, а завршување на работите се очекува до 2026 година.
Целта е сите патници, веќе при влез во Грција, да добијат впечаток на добро организирана, европска граница“, велат претставниците на надлежните органи.
Фокус на летната сезона
Заменик министерот Гкулекас изјави дека покрај долгорочните работи, веќе се спроведуваат мерки кои ќе овозможат полесно и побрзо преминување на границата во претстојната туристичка сезона.
„Покрај сеопфатната модернизација на зградите, преземаме чекори за да избегнеме долги одложувања за патниците веќе ова лето“, рече Гкулекас.
Јоанис Саввас додаде дека приоритет на Владата е забрзување на процедурите и дека студијата за реконструкција е веќе проследена на одобрување до надлежните министерства.
Мултимилионски патнички сообраќај
Според официјалните податоци, во текот на 2024 година преку преминот Евзони поминале околу пет милиони патници. Само во првите четири месеци од 2025 година евидентирани се уште милион премини, што дополнително ја потврдува потребата од забрзана модернизација на оваа гранична точка.
Според информациите, на средбата присуствувале генералниот секретар на МВР Саввас Чионидис, градоначалникот на Пајонија Костас Сионидис, замениците на регионалните гувернери Парисис Билијас и Андреас Вергидис, како и директорот на регионалната полиција на Централна Македонија, бригадниот генерал Илиас Скандалис.
Како што рекоа учесниците, присуството на претставници на локалните и државните власти ја потврдува „заедничката определба да се создадат достојни услови за прием на милиони туристи кои влегуваат во земјата по пат“.