Италијанскиот „прв пациент“: Кога се разбудив по три недели, ме дочекаа навреди


Матиа Маестри, таканаречениот „прв пациент“ во Италија, во интервју раскажа дека се враќа во нормален живот.
На Маестри (37) Ковид-19 му беше дијагностициран на 20 февруари во неговиот дом во Кодоња, 60-тина килиметри југоисточно од Милано. Беше првиот пациент заразен со локална трансмисија во Италија.
Во интервју за „Sportweek“, Маестри вели дека е добар и дека не му треба психолошка помош.
„Реков не, благодарам, се чувствувам многу нормално“, вели тој, додавајќи дека е во близок контакт со докторот кој го спасил.
„Ми стана како втор татко, мојот нов татко. Многу разговаравме, ги следам неговите совети на својот долг пат кон нормалата“, вели Маестри.
Тој бил три недели без свест во болница, на интензивна нега. Кога се разбудил, не знаел што е корона вирус и до која мерка се проширил во светот во меѓувреме.
Го вклучил мобилниот телефон, а на социјалните мрежи прочитал многу навреди на негова сметка. Пуштен е од болница на 21 март, но два дена порано неговиот татко починал од корона вирус.
Од Ковид-19 заболела и неговата бремена сопруга, која за среќа се породила на 7 април, родила здраво девојче, а таа се опоравила од болеста.

Маестри е аматерски тркач и поранешен фудбалер на четвртолигаш.