Италијанскиот претседател Матарела ја прими Сиљановска


Серџо матарела и Гордана Сиљановска-Давкова (Фото: Квиринале)

 

По аудиенцијата кај папата Лав XIV, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беше на средба со палатата Квиринале со италијанскиот претседател Серџо Матарела.

Од прес-службата на Матарела објавија соопштение во две реченици за посетата и разговорот:

„Претседателот на Републиката, Серџо Матарела, утрово во Квиринале ја прими претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова.

Присутна беше и државната потсекретарка за надворешни работи и меѓународна соработка, Марија Триподи“.

По излегувањето од Квиринале, Сиљановска даде изјава за медиумите во која објаснуваше за што раговарале. Според неа, Матарела истакнал дека Европската унија не смее да дозволи да бидеме жртва на идентитетски прашања или нивна билатерализација врзана за идентитетски прашања.

„Тој веќе разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, за она што нам ни се случува. И не само како наш пријател туку и како голем пријател на Западниот Балкан рече дека ЕУ не смее да дозволи ние да бидеме жртва на идентитетски прашања или на билатерализација врзана за идентитетски прашања. Очекува, и јас очекувам, да дојде до разговори со нашите соседи за да видеме кое можеби е најдоброто решение“, рече Сиљановска–Давкова.

Таа на средбата со Матарела ги реафирмирала нашите заложби за гаранции, бидејќи како што наведе „ако биде уште една од промените на кои укажува ЕУ, тогаш не само што нема ништо да добиеме ние, туку нема ништо да добие ни Балканот, бидејќи приказната за ветото и за билатерализацијата на евроинтеграцијата ќе се повтори“.

„Јас повторно потсетив дека ЕУ без принципи и вредности не може да биде филозофија, не може да биде престижна и инспиративна заедница, но исто така и на потребата да седнеме културно со соседите, во случајов со Бугарија, и да го решиме проблемот“, рече таа, како што пренесува МИА.