„Италијанскиот јазик – еден јазик, многу можности“- Национална конференција на УКИМ


Во понеделник, 8 мај, на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе се одржи Национална конференција за италијанскиот јазик во Северна Македонија, под наслов „Италијанскиот јазик – еден јазик, многу можности“.

Конференцијата има за цел да направи пресек на состојбите во наставата по италијански јазик во Република Северна  Македонија, пет години по официјалното воведување на италијанскиот јазик како втор задолжителен странски јазик во програмата за основните и средните училишта во земјава.

Конференцијата ќе потсети исто така и на бројните можности кои познавањето на италијанскиот јазик  ги нуди на професионален, културен и академски план, како во земјата, така и во странство.

На настанот ќе земат учество со свои излагања низа истакнати гости, меѓу кои Министрите за образование и за култура на РСМ, Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, високи претставници на институциите кои се вклучени во наставата по италијански јазик, високи претставници на општини, локални заедници и здруженија, директори на универзитети и училишта како и претставници од од светот на бизнисот, културата, науката, спортот, гастрономијата итн.

Организатор на Националната конференција за италијански јазик во РСМ е Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со УКИМ и Катедрата по италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.