Италијански таен агент најден починат во стан во Париз


Италијански таен агент најден е мртов во неговиот стан во Париз во понеделникот, соопшти француската полиција.

Се смета дека 50-годишниот маж, умрел во текот на ноќта, а бил најден од локалната полиција во областа Монмартр во стан во кој престојувал од 3 мај.

Мажот е идентификуван како високорангиран цивил во служба на италијанската разузнавачка служба, вели извор близок до истрагата за АФП.

Тој е најден во локва повраќаница, а имал рана на брадата, најверојатно здобиена од падот, смета истрагата.

Италијанската амбасада изјави дека се верува оти агентот починал од „природна смрт“, а дека раната на брадата е од падот.

Локалната полиција во станот нашла торба со речиси 2.000 евра во апоени од 20 евра, неколку USB мемориски стапчиња, а имало и класифицирани документи во сеф.

Не е јасно за кој оддел на италијанската разузнавачка служба работел. Земјата има неколку такви служби. Обвинителството во Париз покрена истрага околу смртта на агентот.