Италијански кошаркари доаѓаат в сабота на натпревар со Водњански ласици во хуманитарни цели


Групата ентузијазсти, собрани во тимот Водњански ласици (не е грешка, се вика ласици), претстојната сабота (8 април) ќе организира ревијален кошаркарски натпревар со хуманитарен карактер.

Противник на Ласици ќе им биде италијанскиот Сгарупати, сличен состав кој патува низ светот и учествува на вакви настани, а овојпат ќе им помогне на нашите ентузијасти во акцијата за собирање средства за Никола Ѓорѓиев кој боледува од рак на коските. Настанот нема да биде само кошаркарски бидејќи е предвидена и забава, а поканети се сите кои сакаат да учествуваат во хуманитарната акција.

„Долго време играме меѓу нас, некои од нас порано настапувале професионално, некои само во младинските лиги, но и натаму често се собираме и играме со ист жар како порано. Претставници на тимот Сгарупати од Италија нѐ исконтактираа, нѐ известија дека доаѓаат во Скопје и дека сакаат да одиграат пријателски натпревар со некоја екипа. Самоиницијативно се организиравме да ги пречекаме како добри домаќини и во исто време видовме можност, натпреварот што ќе го одиграме да биде од хуманитарен карактер и за време на истиот, да бидат поставени кутии за донации.

Сите собрани средства ќе бидат уплатени на сметката на младиот Никола Ѓоргиев со цел да му помогнеме во лекувањето. Ги повикуваме сите да дојдат в сабота, на 8 април во 17.30 часот во малата сала на СРЦ Кале, да ни дадат поддршка, да се забавуваат со нас и, секако, да уживаат. Храната ја обезбеди Јојос бургерs, a освежувањето од Котур“, изјавија за КОШ.МК од Водњански Ласици.

За време на натпреварот, а и по него, музика ќе пушта Ди Џеј, а своето присуство го потврди и италијанскиот амбасадор во Македонија. Влезот е бесплатен.