Италијански институт: И по вакцинирањето треба да се носи маска


Високиот институт за здравство (ИШ), највисокиот италијански научно- технички институт во областа на здравството, ги објави одговорите на своите експерти за широко распространетите лажни вести за вакцинација против Ковид-19.

Една од пораширените лажни вести е дека вакцината е развиена набрзина и затоа не е сигурна. Експертите од Институтот тврдат дека тоа не е точно и нагласуваат дека вакцината е безбедна, а таа била одобрена само откако надлежните институции го утврдиле нејзиниот квалитет и безбедност.

Научниците од Институтот, исто така, истакнуваат дека лажна вест е дека не е потребно да се вакцинираат бидејќи вирусот мутирал. Во моментов, тврдат научниците, не постои факт што би потврдил дека вакцината не е делотворна за мутираниот вирус. Покрај тоа, вакцините обезбедуваат имунолошки одговор на организмот на многу форми на мутиран вирус.

Тврдењето дека „имунитетот по вакцинацијата против Ковид-19 трае кратко“ е исто така лажно. Ситуацијата е иста како и кај вакцините за сезонски грип, велат експертите, имунитетот трае неколку месеци, а кога поголемиот дел од популацијата ќе се вакцинира, тој ќе трае цела година.

Конечно, не е точно верувањето дека по вакцинирањето, повеќе не мора да се носи маска или да се придржуваме до други мерки за заштита. Дури и по вакцинацијата, потребно е да носите маска, да се држите на дистанца и редовно да ги миете рацете. Ова ќе биде потребно се додека имунолошките податоци не покажат со сигурност дека вакцината нè штити, но исто така спречува ширење на вирусот на други лица, велат експертите.