Италијанска пратеничка го доеше своето дете на седница на парламентот, доби аплауз


 

Вчера италијанската пратеничка Џилда Спортиело го искористи правото да го дои своето дете за време на седница на парламентот, со што стана првата жена што го направила тоа во Италија.

Оваа 36-годишна членка на претставничкиот дом го доела својот двомесечен син Фредерик, а колегите ја наградиле со громогласен аплауз за овој чин.

Иако некои земји претходно го одобрија доењето во парламентот, ова е прв пат да се случи во Италија. Важно е да се истакне дека околу две третини од претставниците се мажи и дека овој чин доби поддршка од сите партии.

„Премногу жени престануваат да дојат рано, не по избор, туку затоа што се принудени да се вратат на работното место“, истакна Спортиело.

Претходно во парламентарните згради во Италија имаше посебна просторија за доење, а по предлог-законот од 2019 година на пратеничките им е дозволено да дојат и во други простории. Собраниската деловничка комисија лани даде „зелено светло“ пратениците да влезат во собраниската сала со своите деца и да ги дојат до една година.