Италијанците ќе добијат до 500 евра од државата ако купат нов велосипед


Италијанската Влада ќе понуди субвенционирање на 70 проценти или до 500 евра за набавка на нов велосипед или електричен скутер, јави ДПА.

Министерката за транспорт, Паола де Микели, изјави денеска дека мерката ќе биде дел од претстојниот пакет економски стимул од 55 милијарди евра за италијанската економија погодена од коронавирусот.

За време на видео конференцијата со претставници на Здружението на странски новинари, Де Микели рече дека законот ќе биде одобрен денеска или утре.

Субвенцијата ќе се однесува на жителите на поголемите градови со население од најмалку 50.000 луѓе и има за цел да го поттикне еколошкото движење по ограничувањата наметнати од коронавирусот.

Според Де Микели поради барањето за социјална оддалеченост, многу помалку луѓе ќе можат да користат автобуси и трамваи, и ќе бидат принудени да бараат алтернативни начини за движење низ градовите како што е возењето велосипед.

Владата планира и промени што ќе им олеснат на локалните власти да градат ленти за возење велосипеди, рече Де Микели.