Италија ја заплени „јахтата на Путин“ вредна 700 милиони долари
Италијанската влада нареди денеска да се заплени луксузна јахта вредна околу 700 милиони долари, која во медиумите се поврзува со рускиот претседател Владимир Путин.
Елегантната „Шехерезада“ со шест палуби е на поправка во италијанското пристаниште Марина ди Карара од септември, но неодамнешните активности на пристаништето сугерираат дека екипажот можеби се подготвува да исплови, објави Ројтерс.
Италијанското Министерство за финансии во соопштение наведува дека истрагите покажуваат дека сопственикот на јахтата имал врски со истакнати претставници на руската влада и со луѓе кои биле цел на санкциите на Европската унија.
„Шехерезада“ има две платформи за слетување на хеликоптери и може да прими до 18 гости и 40 членови на екипажот.
Нејзиниот сопственик никогаш не бил јавно идентификуван, но се шпекулира дека му припаѓа на Путин или на член на неговиот близок круг.
Извор кој има информации за истрагата во врска со јахтата изјави дека италијанската полиција верува дека сопственик е Едуард Худаинатов, поранешен шеф на рускиот енергетски гигант „Роснефт“, кој моментално не е цел на санкциите на ЕУ.
Министерството за финансии не го наведе името на сопственикот, но соопшти дека побарало од Европската унија тоа лице да се додаде на списокот со санкции и нареди јахтата да биде запленета до конечната одлука.