Италија воведе вонредни мерки поради корона вирусот, 50 илјади луѓе се во карантин


Десетина градови во италијанските северни региони Ломбардија и Венето беа ставени во карантин, а околу од 50.000 луѓе беше побарано да останат дома. Ова се дел од „вонредни мерки“ што се воведени во Италија во обид да се справи со најголемото ширење на корона вирусот во Европа.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте го објави планот доцна во саботата, откако бројот на заболени се искачи на 79 и откако двајца италијански државјани беа потврдени дека починале од вирусот, јави и-Би-Си. Конте изјави дека ќе биде забрането влегувањето и напуштањето на областите каде што е регисгтриран вирусот, освен ако не се даде посебна дозвола.

Исто така, во овие области се прекинати сите училишни и спортски активности, вклучувајќи и неколку фудбалски натпревари во Серија А кои треба да се одржат денес.

Полицијата, а доколку е потребно и вооружените сили, ќе имаат овластување да обезбедат спроведување на регулативата, пренесе Би-Би-Си.

Италијанските власти стравуваат дека вирусот ги надмина изолираните случаи во Ломбардија и Венето, што го отежнува контролирањето.

„Заразата од овој вирус е многу силна и прилично вирулентна“, изјави шефот за здравство на Ломбардија, Џулио Галера.

Новиот корона вирус потекнува од кинеската провинција Хубеи и од крајот на минатата година кога се забележани првите случаи до сега се прошири во уште 26 земји, во кои се потврдени повеќе од 1.400 заболени и 11 смртни случаи.

Кинеските здравствени власти во саботата објавија дека е намалена стапката на смртност и на нови заразени со корона вирус. Во Кина се потврдени 76.392 заболени, вклучувајќи 2.348 смртни случаи.

Светската здравствена организација (СЗО) е загрижена и поради тоа што заразата се шири и надвор од Кина со случаите без јасна врска со таа земја. Шефот на СЗО, д-р Тедрос Аданом Габриезус, изјави дека најголема загриженост сега се земјите со послаби здравствени системи, особено во Африка.

Јужна Кореја извести за најголем број потврдени инфекции по Кина и по бродот „Дајамонд принцес“ крај брегот на Јапонија, во кој има забележано повеќе од 600 заболени.

Во Јужна Кореја почина четврто лице, а бројот на потврдени случаи се искачи на повеќе од 550, што претставува зголемување за повеќе од 100 претходниот ден. Повеќето случаи се поврзани со болница и религиозна група во близина на југоисточниот град Даегу.

Израел не им дозволи на околу 200 не-Израелци да го напуштат авионот што пристигнал од Јужна Кореја, и ги испрати назад во Сеул, додека дванаесетмина Израелци беа ставени во карантин. Иран соопшти дека од виросто до сега починалел пет лица и нареди затворање на училишта, универзитети и културни центри во 14 провинции.

Во јануари, СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради појава на новиот вирус, што предизвикува респираторна болест наречена Ковид-19. Најчести симптоми на болеста се треска, замор и сува кашлица. Се чини дека е мал процентот на смртни случаи од оваа болест, при што повеќето заразени развиваат благи симптоми и целосно закрепнуваат.