Италија во карантин и по 3 април, крематориумот во Бергамо не може да постигне


Италија ќе остане во карантин и по 3 април, за да се спречи понатамошното ширење на корона вирусот, изјави италијанскиот премиер Џузепе Конте.
Трети април беше првобитниот рок. Конте за „Кориере дела сера“ рече дека мерките ќе бидат продолжени, а со нив се налага затворање на училишта, универзитети, ограничување на движењето, пренесе Ројтерс.
Според актулните мерки, кои порано ги воведе италијанската влада, а кои ќе важат до 3 април, дозволени се патувања само заради работа и здравствени причини, додека повеќето продавници се затворени, освен оние за храна и лекови.
На социјалните мрежи се појавија фотографии од Бергамо на кои се гледаат воени возила.
Фотографијата е застрашувачка затоа што возилата се трупаат на улица поради преоптоварениот крематориум. Имено, 93 лица умреле во Бергамо во еден ден, а 533 лица го изгубија животот од почетокот на епидемијата.
Претставник на италијанската војска потврди дека 50 војници со 15 камиони се пратени со наредба да ги транспортираат телата во соседната провинција.
Градските власти претходно побараа помош за кремирање затоа што локалниот крематориум е преоптоварен со непрекината работа од 24 ласа.
Италијанската влада размислува за построги мерки со кои дополнително би се ограничило движењето, а гувернерот на Ломбардија Атиљо Фонтана изјави дека лекарите и медицинските сестри се веќе на крај на силите.

„Се плашам дека психички и физички ќе се истрошат. Тоа навистина би било катастрофа“, вели Фонтана за радио „Капитале“.