Италија: Владата на Марио Драги на пат да падне

Иако италијанскиот премиер ја доби деврбата при гласањето во Сенатот, владата е пред колапс откако три партии од коалицијата одбија да го поддржат


Марио Драги е премиер 18 месеци

 

Кога премиерот Марио Драги објави дека Италијанците го убедиле да не поднесува оставка, во поголемиот дел од средата изгледаше како неговата влада на национално единство ќе преживее.

Тој повика на нов пакт и гласање за доверба во Сенатот.

Но неколку часа подоцна три партии од коалицијата рекоа дека нема да учествуваат во гласањето.

Сега, по година и половина, неговата широка влада која ги опфаќа десницата и левицата е подготвена да падне.

Откако лидерот на левиот центар го нарече ден на лудило, Драги победи на гласањето, но лишен од поддршката од три партии, сега најверојатно ќе поднесе оставка по втор пат во една недела. Сепак, тој прво треба да присуствува на дебатата во четврток во Долниот дом на парламентот.

Политичката драма во Италија започна минатиот четврток, кога 74-годишниот поранешен шеф на Европската централна банка му ја предаде својата оставка на претседателот, бидејќи популистичкото движење Пет ѕвезди се повлече од гласањето за доверба за пакетот помош од повеќе милијарди евра за семејства и бизниси.

Претседателот Серџо Матарела ја отфрли неговата оставка и шест дена подоцна Драги му рече на Сенатот дека е невозможно да се игнорираат јавните повици да остане на функцијата. Тој ги пофали јавноста, синдикатите, универзитетите и индустријата, како и здравствените работници и светот на спортот за нивните „незаслужени“ апели да продолжи.

Целосно нов договор е „единствениот начин, ако сакаме да останеме заедно“, рече тој, апелирајќи за силна, кохезивна влада. „Дали партиите и вие парламентарците сте подготвени да го обновите овој пакт?“

Неколку часа Италијанците го задржуваа здивот, верувајќи дека политичката криза што ја зафати владата на титан технократ ќе трае до изборите, кои треба да се одржат следната година.

Левиот центар му даде поддршка на Драги, но сите партии гледаат со едно око на претстојните избори.

За време на фрагментираната дебата во Сенатот стана јасно дека тврдодесничарската партија Лига и централно-десничарската Форца Италија не се подготвени да останат во владата со популистичкото движење Пет ѕвезди кои ја предизвикаа кризата. Сите три одбија да учествуваат во гласањето.

Поранешниот лидер на Пет ѕвезди, Луиџи ди Мајо, рече дека тоа е „црна страница“ за Италија и дека политиката пропаднала. Министерката за регионални прашања Маријастела Џелмини изјави дека си заминува од Форца Италија, обвинувајќи ја централно-десничарската партија дека им врти грб на Италијанците и ѝ попушта на крајната десница.

Централно-левичарската Демократска партија рече дека од сега ќе се подготвува за изборната кампања.

Џорџија Мелони и другите лидери на десницата гледаат кон избори за да ги задоволат апетитите

Драги беше донесен за да ја води италијанската влада низ пандемијата, реформите потребни за да се обезбедат речиси 200 милијарди евра од фондовите на ЕУ за закрепнување од ковид и оттогаш тој стана клучна фигура во меѓународниот одговор на војната во Украина.

Откако тој ја поднесе својата оставка минатиот четврток, се одржаа неколку протести на кои се бараше Драги да остане на функцијата и анкетите покажаа дека повеќето Италијанци се согласуваат. Околу 2.000 градоначалници, како и 250 бизнис лидери го поддржаа.

Третата по големина економија во ЕУ сега се чини подготвена за предвремени избори, одложувајќи ги толку потребните реформи, како и буџетот за следната година. Италија е најголемиот примател на грантови и заеми од фондот за закрепнување од ковид на ЕУ, но неговата следна рата зависи од списокот на промени.

Анкетите покажуваат дека следниот премиер на Италија ќе дојде од крајната десница. Џорџија Мелони, лидерот на Браќа на Италија, веќе повика на есенски избори, истакнувајќи ја неодамнешната анкета која на нејзината партија ѝ даде 23,8 отсто од гласовите. „Ова објаснува зошто левицата е толку исплашена од избори“, рече таа.

За разлика од останатиот дел од десницата, Мелони не беше дел од владата на Драги, но Лига и Форца Италија би биле природни партнери со неа во секоја идна коалиција. (Би-Би-Си)