Италија се расфрла со вода, а ја има се помалку


Италија губи се повеќе вода поради протекување на водоводите, што ја прави земјата сè поранлива на суши, објави Националното биро за статистика ISTAT.

Научниците и еколошките здруженија алармираа за италијанскиот недостиг на вода во јануари, откако на Алпите беше забележан остар пад на снежните врнежи и невообичаено ниските плими ги оставија каналите во Венеција суви.

Во извештајот објавен пред Светскиот ден на водата во среда, ISTAT рече дека во 2020 година  италијанските водоводи изгубиле 42,2% од водата што ја пренесувале. Тоа е највисоката пропорција досега, и покрај повторените ветувања на владите за решавање на проблемот. Во 2008 година истекувањето на вода беше за 10 проценти помало.

„Еден град од четири има загуби на вода над 55%, а во пет области од седум истекувањата се зголемуваат“, рече истражувачот на ISTAT, Симона Рамберти за новинарите при претставувањето на извештајот.

Премиерката Џорџија Мелони во вторникот изјави во парламентот дека работи со регионалните и градските власти на „национален план за вода“ за подобрување на инфраструктурата со нови технологии и подигање на јавната свест за потребата од заштеда на вода.

Таа рече дека ќе биде именуван „вонреден комесар“ кој ќе го надгледува планот и ќе ги спроведе подобрувањата на инфраструктурата. Минатата недела министерот за животна средина Жилберто Пичето Фратин во интервју рече дека владата подготвува пакет од 7,8 милијарди евра за да се соочи со кризата со вода. Со зголемувањето на сушите поради климатските промени, Италија не може да си дозволи да ја троши водата што ја има.

Минатата година, 15 големи градови беа принудени да спроведат рационализирање на водата, во споредба со 11 во 2020 година, вели во својот извештај ISTAT.

„Рационализирањето порано беше ограничено на југ, но во 2021 година пристигна и на север“, рече Рамберти, додавајќи дека тоа е „знак за голема ранливост“ во годините што доаѓаат. Италијанците се соочуваа со казни за трошењето вода, а градоначалниците во северните региони ги исклучуваа чешмите бидејќи земјата ја доживеа една од најсувите зими во последните 65 години. 

Исто така, Италија црпи повеќе вода за пиење од своите реки, езера и акумулации од која било друга земја на Европската унија, соопшти ISTAT. Околу 30% од оваа вода доаѓа од реката По, која тече повеќе од 650 километри од запад кон исток низ северна Италија, хранејќи ја плодната долина По. Во февруари минатата година, По имаше 61% помалку вода отколку што беше нормално за тој период од годината, според еколошката група Легамбиенте, откако областа ја претрпе најтешката суша во последните 70 години.

Албанија и Италија размислуваат за проект за водоснабдување во услови на суши во Пуља при што италијанските медиуми објавија план албанската вода да се продава во Италија преку подводен цевковод до регионот кој страда од недостиг на вода. (Еурактив)